Претставата е посветена на сите деца настрадани во војни

Претставата „Садако сака да живее“ во Театарот за деца и младинци потсетува на значењето на мирот

Театарот за деца и младинци – Скопје на 13 март премиерно ја изведе претставата „Садако сака да живее“, во режија и драматизација на Тамара Кучиновиќ од Хрватска, работена според мотиви од истоимениот роман на Карл Брукнер.

Претставата е инспирирана од вистинската приказна за Садако Сасаки – девојчето од Хирошима кое, по трагичните последици од атомската бомба, стана светски симбол на мирот, надежта и волјата за живот. Низ емотивна приказна, претставата го истражува сеќавањето на едно девојче кое, и покрај тешката судбина, до последниот момент верувало во животот, во љубовта и во надежта.

„Садако сака да живее“ не е претстава за смртта, туку за животот – за радоста, упорноста и човечката сила што се спротивставува на темнината. Инспирирана од вистински настани, претставата е посветена на сите деца настрадани во војни и претставува силно потсетување на значењето на мирот и човечката солидарност.

Според режисерката Кучиновиќ, претставата е сценско сеќавање на животот на Садако Сасаки. Во нејзината основа се наоѓаат приказната за Садако и јапонската легенда дека со илјада хартиени жерави ќе ја победи смртта. Претставата се осврнува на темите на мирот, надежта и човечката издржливост, потсетувајќи на силата на детските соништа, дури и во најтешките историски околности.

Во претставата настапуваат: Анастасија Ласовска во улогата на Садако, Никола Наковски како братчето Шигео, Ана Левајковиќ-Бошков во улогата на мајката, Катарина Илиевска-Силјановска како таткото, Изабела Новотни во улогата на бабата и Марија Ѓорѓијовска во улогите Господин Војна / Госпоѓа Леукемија.

Темата на претставата во овој период е исклучително важна, бидејќи се занимава со војните и последиците што ги оставаат врз човештвото, вклучувајќи ги и најмладите. Покрај тежината на чувствата што ги носи, претставата дава надеж и желба за потрага по убавината и искреноста во животот. Актерската екипа во изведбата на претставата влегува со максимална посветеност, длабоко поврзување со ликовите и нежна колективна емотивна енергија.

Креативниот тим на претставата го сочинуваат: Тамара Кучиновиќ (режија, драматизација и дизајн на светло), Давор Молнар (сценограф), Зденка Лацина-Питлик (костимограф), Кирил Василев (обликување и изработка на кукли), Ивана Ѓула и Лука Врбаниќ (музика), Драгана Лукан-Николоски (превод и драматург), Ѓуро Дракулоски (инспициент), Љубица Велкова (изработка на костими), Влатко Стефановски (мајстор на тон) и Мартин Митровски (мајстор на светло).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 325, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-22.3.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот