Кои биле напаѓачите од Америка што пукале врз кубанските војници?
Кубански војници во средата се соочиле со брз чамец со 10 луѓе додека пловилото се приближувало кон островот и отворило оган врз трупите, кои возвратиле, при што загинале четворица, а шестмина биле ранети. Министерството за внатрешни работи на Куба наведе дека луѓето на бродот биле Кубанци што живеат во САД и ги обвини дека се обиделе да влезат во земјата за да извршат терористички дејства.
Препорачано
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека станува збор за операција што не е поврзана со владата на САД.
Еве што е познато за судирот, кој доведе до истраги и во Куба и во САД и може дополнително да ги зголеми тензиите меѓу двете земји, анализира „ВЛРН“.
Кубанскиот претседател: Островот ќе се брани
Кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел во четвртокот изјави дека Куба „не напаѓа и не се заканува“.
„Ова го повторувавме многупати и денес повторно го нагласуваме: Куба ќе се брани решително и цврсто од секоја терористичка или платеничка агресија што има за цел да го поткопа нејзиниот суверенитет и националната стабилност“, напиша тој на мрежата „Икс“.
Кубанските власти покренаа истрага, соопшти министерот за надворешни работи.
Рубио изјави дека американската влада собира сопствени информации, вклучително и дали напаѓачите биле американски државјани или имале статус на постојан престој. Обвинителството за Јужниот округ на Флорида соопшти дека бара одговори „преку сите достапни правни и дипломатски канали“.
Трамп: САД и Куба водат разговори и покрај ембаргото за нафта
„Мишел беше опседнат со слободата на Куба“
Ранетите биле приведени, а кубанските власти ги идентификувале седум од десетте патници.
Според властите, двајца од нив, Амихаил Санчез Гонзалес и Леордан Енрике Круз Гомес, се барани од Куба поради наводна вмешаност во „промоција, планирање, организирање, финансирање или извршување“ терористички активности.
Другите идентификувани напаѓачи се Конрадо Галиндо Сариол, Хосе Мануел Родригес Кастело, Кристијан Ернесто Акоста Гевара и Роберто Азкора Консуегра.
Кубанската влада соопшти дека еден од четворицата загинати е Мишел Ортега Касанова. Неговиот брат Мисаел Ортега Касанова изјави дека Мишел бил „опсесивно и дури дијаболично“ посветен на идејата за слобода на Куба поради страдањата што ги преживеале пред да се преселат во САД. Тој рече дека брат му бил американски државјанин и живеел во САД повеќе од 20 години.
Галиндо Сариол, исто така патник на бродот, бил поранешен политички затвореник, според интервју од 2025 година за „Марти Нотисиас“, американски медиум кој долго време повикува на промена на власта во Куба.
Кубанската влада тврди дека чамецот бил регистриран во Флорида и дека при претресот биле пронајдени автоматски пушки, пиштоли, импровизирани експлозивни направи, панцири, телескопски нишани и маскирни униформи.
Судирите не се реткост
Кубанскиот министер за надворешни работи напиша дека од 1959 година Куба се соочува со „бројни терористички и агресивни инфилтрации“ од САД, со „висока цена во човечки животи и во материјална штета“.
Најпознатиот обид бил инвазијата во Заливот на свињите во април 1961 година, кога ЦИА обучи група кубански емигранти. Операцијата заврши со предавање на околу 1.200 луѓе и повеќе од 100 загинати.
Друг познат инцидент се случи на 24 февруари 1996 година, кога кубанските воздухопловни сили соборија два невооружени цивилни авиони на организацијата „Брадрс ту д рескју“ (Brothers to the Rescue), при што загинаа четворица. Меѓународната организација за цивилно воздухопловство утврди дека нападот се случил над меѓународни води.
Во 2022 година беа пријавени неколку инциденти во кубанските води со размена на оган и апсења, но без жртви.
Судирите меѓу кубанската крајбрежна стража и брзи чамци со американско знаме не се невообичаени, иако смртни случаи се ретки. Во минатото, некои од тие чамци превезувале непознат товар или доаѓале да земат Кубанци за нелегално да ги пренесат во САД.
Ќе се влошат ли односите меѓу САД и Куба?
Пукањето може дополнително да ги зголеми тензиите меѓу двете земји, особено откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп зазеде поагресивен став кон Куба.
Откако САД ја нападнаа Венецуела и го уапсија нејзиниот лидер на 3 јануари, испораките на нафта кон Куба, клучни за економијата на островот, беа запрени.
Потоа Трамп на 29 јануари потпиша извршна наредба за воведување царини за секоја земја што продава или обезбедува нафта на Куба, а експертите предупредуваат дека постои ризик САД да го искористи инцидентот како оправдување за нови санкции.
Во средата, американското Министерство за финансии делумно ги олесни ограничувањата за продажба на венецуелска нафта на Куба, но енергетската и економската криза на островот се очекува да продолжи.
Недостигот од гориво ја парализира Куба, улиците во Хавана се полнат со ѓубре


