Прес: ЕМОФ „Скопје 2025“ соборува рекорди и се одвива во најдобар ред

Денеска е одржана прес-конференција на организаторот на Европскиот младински олимписки фестивал на кој беа дадени оценки за досегажниот тек.

Само суперлативи можеа да се слушнат на денешната прес-конфереција од страна на странските официјални лица, како и од домашните организатори, за досегашниот тек на Европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“.

Спирос Карпалос: Благодарни сме на одличната организација

Според претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Карпалос, „Скопје 2025“ е настан на кој се соборени повеќе рекорди, спортски но и организациски. Според него атмосферата и организацијата на настанот што почна минатата недела, а ќе трае до сабота, засега оди во најдобар ред, спортистите се задоволни со условите и со организацијата, а овој настан ќе има далекусежни позитивни последици за земјава.

Можам да кажам дека ова е одличен старт на „Скопје 2025“, настан кој буди голем интерес во цела Европа и во светот. „Лајв-стримингот“ што е достапен од сите натпреварувања бележи рекордна гледаност. Само во досегашниот тек на Фестивалот имаме дури 100.000 прегледи на атлетските натпревари, дури 60.000 следења на кошаркарските натпревари, 40.000 гледачи досега ги гледале пливачките натпревари.

Соборен е светски рекорд уште на првиот натпревар, во атлетската дисциплина скок со стап. Естонката Алика Инкери Мосер постигна светски рекорд до 18 години. Потоа беа соборени уште два европски рекорда во атлетика и во стрелаштво. Ова е најголем мултиспортски настан во Европа за млади спортисти, а можеби и во светот. На ова издание има рекордни 4.000 спортисти, од рекордни 50 тима…

До овој момент веќе 32 земји се впишаа во листата на освојувачи на медали што е исто така своевиден рекорд.

Многу сме му благодарни на Организацискиот одбор, потоа на властите на земјата домаќин. Благодарни сме на одличната организација. Знам дека сите учесници, спортистите и останатите, на крајот ќе си заминат од оваа земја со убави спомени – вели Карпалос.

Даниел Димевски: Го живеме олимпискиот сон

Претседателот на МОК и на Организацискиот одбор Даниел Димевски исто така беше задоволен со досегашниот тек.

Скопје го живее олимпискиот сон и го чувствува олимпискиот дух. Гледаме многу лица на млади спортисти од цела Европа низ нашите улици. Првпат се случува да имаме толку бројна екипа од Македонија на некој спортски настан (над 200 души н.з.).

Нашите спортисти даваат се од себе на натпреварите на кои учествуваме. Се надевам дека во преостанатите неколку дена конечно ќе освоиме и некој медал. Овие спортисти што сега се натпреваруваат во Скопје ќе бидат ѕвезди на идните олимписки игри.

Борко Ристовски: Да ги промовираме вистинските вредности

Министерот за спорт на Македонија, Борко Ристовски, го истакна позитивниот ефект за спортот во земјава.

– Не е вообичаено дури 4.000 спортисти од Европа да ви гостуваат. Имаме и најголема делегација досега на некој спортски настан. Среќен сум што како држава сме домаќини на ваков настан. Нашите спортисти ќе напредуваат во натпревари со своите врсници од цела Европа. Ова да биде поттик и за другите спортски федерации во Македонија да се јавуваат како организатори на слични настани.

– Со ваквите настани промовираме вредности со кои младите луѓе се усмеруваат на вистински пат. Да промовираме вистински вредности преку спортот. Не постои подобар начин – вели Ристовски.

Алика Инкери Мосер: Среќна сум за златото

Естонката Алика Инкери Мосер, која постигна светски рекорд во скок со стап до 18 години во првиот натпревар на првиот ден, прескокнувајќи 4,52 метри, е пресреќна.

– Многу сум благодарна, среќна сум за златото што ќе го однесам во Естонија. Жештината е голема, но тоа не ме спречи да постигнам одличен резултат – вели таа.

Матеа Поповска: Сите спортисти се задоволни

Македонската одбојкарка Матеа Поповска беше знаменосец на свеченото отворање на ЕМОФ „Скопје 2025“.

– Условите се идеални и сите спортисти се задоволни. Благодарност до организаторот и до Министерството за спорт – вели Поповска.

Димевски: Успешно се носиме со жештината

Жештината е тоа на што ние овде сме навикнати, но не и нашите гости. Затоа првиме се што е потребно да го неутрализираме негативниот ефект на топлотниот бран. Се доставуваат удвоени количества вода и мраз на спортските борилишта, во салите во кои нема клима уреди, се поставуваат мобилни клима уреди. Некои настани се презакажавме, порано или подоцна во денот, за да се избегне топлотниот бран, па излезе можеби и уште поубаво. Се надеваме дека бранот ќе попушти во идните денови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот