„Прераспределба на кадри“ на ифтарски вечери кај тројца премиери
Единствено вицепремиерот Арбен Фетаи, кој ги наруши односите со сопартијците од Вреди, не присуствуваше на ниту една ифтарска вечера организирана од премиерите на Македонија, Албанија и на Косово – Мицкоски, Рама и Албин Курти.
Ифтарските вечери ја дозаплеткаа политичката сцена во албанскиот политички блок. Од присутвото на нашите функционери Албанци на ифтарските вечери кај премиерите од соседните Косово и Албанија, освен што се потврдува соработката на Вреди со Албин Курти и на ДУИ со Еди Рама, се исцртуваат и можни идни прегрупирања на дел од функционерите од владејачката Вреди.
Препорачано
Конците ги дозамрси албанскиот премиер Рама, на чија покана на ифтарска вечера можеа на едно место да се видат опозициските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари со министерот за социјална политика Фатмир Лимани, кој уште официјално е дел од Вреди, и покрај внатрекоалициските недоразбирања.
Фотографијата која е споделена на социјалните мрежи, а на која заедно се Ахмети, Таравари, Бујар Османи и Фатмир Лимани, ја испровоцира Вреди јавно да побара објаснување од министерот дали е дел од Вреди или, пак, се вратил во ДУИ.

– Во интерес на вистината, а со цел да се прекинат различните толкувања за вечерашната ифтарска фотографија кај албанскиот премиер Еди Рама, очекуваме Фатмир Лимани лично да ѝ објасни на пошироката јавност зошто седел на заедничка маса со Али Ахмети и Арбен Таравари. По сè што јавно има изјавено против нив, Лимани има морална обврска да ги разјасни забуните што природно се наметнуваат – велат од Вреди за ТВ21.
Еден од водачите на Вреди Билал Касами, пак, изјави дека немало комуникација од негова страна во врска со средбата меѓу министерот Лимани и претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети.

Во изјава за Алсат, Касами рече дека објавената фотографија од состанокот не испраќа добра порака за министер кој останува дел од Вадата во која е вклучена и коалицијата Вреди. Тој додаде дека Лимани мора да ја разјасни причината за состанокот и дека се очекува за тоа да се дискутира во рамките на Вреди.
Лимани не одговори ни на нашите повици, ни на пораките дали уште е дел од Вреди и дали има заднина завчерашната дружба со екссопартиецот и роднина Ахмети.

Од ДУИ велат дека домаќин на ифтарската вечера е албанскиот премиер Рама и дека тој одлучува кого ќе покани. Од партијата на Ахмети негираат дека Лимани ќе премине во ДУИ и не веруваат дека премиерот Христијан Мицкоски ќе го разреши, бидејќи како што велат, и претходно Лимани бил „соло играч“.
Од друга страна, ифтарската дружбата на Лимани со Ахмети во Тирана, во прилог ѝ оди на Вреди од каде не кријат дека при реконструкцијата на Владата, најавена од Мицкоски, сакаат да се „ослободат“ од министерот за социјална политика Лимани. Молкот на Лимани може да го искористи Вреди како аргумент пред премиерот дека треба да биде разрешен, бидејќи во спротивно во Владата ќе има „министер од ДУИ“.

Впечатливо е дека синоќа ифтарска вечера приреди и премиерот Мицкоски, и таму беа сите министри и пратеници од Вреди. Единствено вицепремиерот Арбен Фетаи, кој ги наруши односите со сопартијците од Вреди, не присуствуваше на ниту една ифтарска вечера организирана од премиерите на Македонија, Албанија и на Косово – Мицкоски, Рама и Албин Курти.
Неодамна, цела водечка постава на Вреди беше на ифтарска вечера во Косово, приредена од Курти, а изостана само Фетаи. Вицепремиерот не дојде ни на ифтар кај Мицкоски.


