Филипче, Мицкоски Фото: Слободен печат/ фото-монтажа

Премиерот Мицкоски го става СДСМ на тест

Изборниот законик е еден од законите за кои е можен филибастеринг така што тој кога ќе влезе во Собрание доколку СДСМ одлучи да не го гласа, може да направи филибастеринг и да го спречи неговото носење. Но, од наша страна ние ќе го подготвиме, ќе постои консензус на сите партии минус СДСМ, изјави премиерот.

Премиерот Христијан Мицкоски се пишмани и сепак измените на Изборниот законик ќе ги турка без опозицискиот СДСМ иако претходно рече дека тој е еден од законите од реформската агенда кој нема да го донесат бидејќи нема консензус. Со ова Мицкоски на тест го става СДСМ, односно опозициската партија ќе треба да пресече дали за Изборниот законик ќе примени филибастеринг и ќе го блокира во Собранието. Премиерот остана на позицијата дека годинава ќе биде реформска, а не изборна и остави можност предвремени парламентарни избори да има во 2027 година.

„Слободен печат“ веќе објави дека власта ќе работи на измените на Изборниот законик и без СДСМ, откако опозициската партија ја напушти работната група во знак на револт поради укинувањето на техничката влада. СДСМ остана изолиран, бидејќи освен владејачките и опозициските партии останаа во работната група за изборниот законик. Лидерот на СДСМ Венко Филипче тогаш ни изјави дека не се изненадени од потегот на власта.

Венко Филипче/ Фото: СДСМ

– Нема да биде првпат закони за кои е потребен консензус да ги носат без СДСМ. Без консензус ја укинаа техничката влада, тогаш зошто не би го туркале и Изборниот законик. На ВМРО-ДПМНЕ ништо не им е проблем за да продолжат да крадат и за да нѐ држат во изолација – вели Филипче.

Премиерот потврди дека и без СДСМ ќе работат на измените на изборното законодавство и дека за тоа разговарале со Герт Јан Копман, директор на Директоратот за проширување и источно соседство при Европската комисија.

Сали, Мицкоски, Дурмиши Фото: Фејсбук

– Знаете дека Изборниот законик е еден од законите за кои е можен филибастеринг така што тој кога ќе влезе во Собрание доколку СДСМ одлучи да не го гласа, може да направи филибастеринг и да го спречи неговото носење. Тој е еден од тие седум или осум закони, согласно новиот Деловник, каде е возможен филибастеринг. Но, од наша страна ние ќе го подготвиме, ќе постои консензус на сите партии минус СДСМ. Подготвени сме и со нив да постигнеме консензус во моментот кога ќе се вклучат во овие преговори и доколку постои волја и начин процедурата може да се заврши до јуни – рече Мицкоски.

Работната група за Изборниот законик се состана пред два дена во Министерството за правда и претставниците на партиите постигнале договор за измена на десет членови, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР. На состанокот присуствувале претставници на сите политички партии, освен на СДСМ. Работната група се усогласила за членовите кои се однесуваат на користењето буџетски средства на институциите во изборната кампања, користењето службени профили на институциите на социјалните мрежи за време на избори и изборна кампања, огласите и постапките за вработувања, како и за изземањето лица со специфични професии од изборниот процес, како на пример медицински лица. Дел од усогласувањето се однесува и на субјектите кои го добиваат избирачкиот список. Министерот за правда Игор Филков договорил и следна средба која треба да се одржи на 20 мај.
Од Министерството тогаш информираа дека СДСМ не доставил до нив известување дека ја напушта работната група за Изборниот законик.

Работна група за изборен законик Фото: Министерство за правда

– Во однос на учеството на СДСМ, беше истакнато дека до Министерството за правда сѐ уште не е доставено официјално писмено известување за нивно повлекување од процесот. Во таа насока, беше изразено очекување дека партијата ќе ја преиспита својата позиција и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите во изборното законодавство да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата во изборниот систем – соопшти Министерството.

Од таму информираа дека работната група ги разгледала препораките што биле усогласени и прифатени со консензус од присутните членови и дека ќе им биде доставен и конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори од 2025 година, кој содржи препораки за дополнително унапредување на изборната регулатива и практиките во спроведувањето на изборите.

Претходно владејачкото мнозинство без консензус ја укина техничката влада, иако опозициските партии од македонскиот и од албанскиот политички блок беа против. Од последните потези на мнозинството очекувањата се дека власта се подготвува за предвремени парламентарни избори на пролет во 2027 година. Мицкоски и вчера не ја исклучи можноста дека следната година може да биде изборна.

– ВМРО-ДПМНЕ е подготвена секогаш да излезе на избори. Нашата цел е оваа година да се фокусираме на испораката поврзана со реформската агенда и тоа го правиме. Утрово заедно со колегите од Владата имавме координативен состанок со Копман и можам да кажам дека како резултат на тој состанок ќе имаме испорака со којашто од дното кое го наследивме ќе бидеме рамо до рамо со таканаречениот фронтранер. И тоа е добро. Следната недела ќе има нов состанок затоа што извештајниот период којшто завршува на крајот на јуни, сакаме од 10 (обврски н.з.) да испорачаме девет и пол. Очекувам и тоа да го реализираме како Влада – рече премиерот.

Тој додаде дека тоа е една од причините зошто годинава како Влада се посветени на реформите.

– Како ВМРО-ДПМНЕ и Влада сме подготвени да имаме редовни парламентарни избори напролет 2028 година. Како ВМРО-ДПМНЕ и како Влада сме подготвени во секое време да имаме парламентарни избори и на тие избори да победиме – рече Мицкоски.

Тој повтори и дека владината коалиција функционира исклучително квалитетно и дека сѐ уште не ги почнале разговорите за реконструкција на Владата.

Власта без консензус ќе го турка и Изборниот законик?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот