Работна група за изборен законик Фото: Министерство за правда

Власта без консензус ќе го турка и Изборниот законик?

 Нема да биде првпат закони за кои е потребен консензус да ги носат без СДСМ. Без консензус ја укинаа техничката влада, тогаш зошто не би го туркале и Изборниот законик. На ВМРО-ДПМНЕ ништо не им е проблем за да продолжат да крадат и да нѐ држат во изолација, вели Филипче.

Власта ќе ги турка измените на Изборниот законик и без најголемата опозициска партија СДСМ, која неодамна во знак на револт ја напушти работната група за изборното законодавство, бидејќи владејачкото мнозинство ја укина техничката влада. Дали власта се пишмани и сепак, без консензус ќе носи нови изборни правила ќе биде појасно по денешната средба на работната група закажана од министерот за правда Игор Филков, на која освен пратениците од владејачките ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, присуство потврдија и опозициските ДУИ и двете крила на Алијанса за Албанците. Премиерот Христијан Мицкоски веќе порача дека од реформската агенда нема да го испорачаат Изборниот законик поради блокадата од СДСМ на работната група.

Ако продолжи работата на изборните измени, тогаш ќе биде првпат Изборниот законик да се носи без консензус, во случајов без учество на најголемата опозициска партија. СДСМ пак, не е изненаден ако и без него продолжи работата на изборниот законик.

Венко Филипче Фото: Принтскрин

Од Министерството за правда велат дека состанокот е закажан во обид да се одблокира работната група чија работа двапати веќе беше одложена поради отсуството на претставниците на СДСМ. Истовремено оттаму информираат дека до пред почетокот на состанокот не добиле писмено известување од СДСМ дека нема да учествува во работната група. Инаку, на состанокот се очекуваше министерот и партиските претставници да одлучат дали ќе продолжат со работа на измените на Изборниот законик. Според информации на „Слободен печат“, работната група продолжила со работа и без претставниците на СДСМ.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче за „Слободен печат“ вели дека не е изненаден ако власта ги турка измените на Изборниот законик.

– Нема да биде првпат закони за кои е потребен консензус да ги носат без СДСМ. Без консензус ја укинаа техничката влада, тогаш зошто не би го туркале и Изборниот законик. На ВМРО-ДПМНЕ ништо не им е проблем за да продолжат да крадат и за да нѐ држат во изолација – вели Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ни изјавија дека ќе се обидат да продолжи со работа работната група и дека ќе предложат ако партиите се усогласат да ги усвојат барем препораките од ОБСЕ/ОДИХР.

Игор Филков/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

И опозициската ЛДП најави присуство на состанокот бидејќи како што велат оттаму, имаат забелешки за вградување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, односно дека некои од препораките не се целосно интерпретирани. Од партијата се надеваат дека СДСМ ќе се врати во работната група кога на дневен ред бидат политичките предлози, како што се изборниот модел, отворените листи и електронското гласање. Притоа додаваат дека ќе учествуваат во работната група бидејќи не сакаат сами да ги кочат своите предлози.
И од опозициската ДУИ ни изјавија дека ќе учествуваат во работната група, а од Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села ќе одат на состанокот, бидејќи, како што велат, засега нема партиска одлука да ја напуштат работната група.
И од Алијанса предводена од Арбен Таравари потврдија дека ќе одат на средбата бидејќи на дневен ред се препораките на ОБСЕ/ОДИХР, додека допрва ќе носат одлука дали ќе продолжат со работа ако на дневен ред има политички предлози.

Од Министерството за правда напоменаа дека Изборниот законик се носи со консензус на членовите на меѓупартиската работна група. Такво нешто е предвидено во донесениот Деловник, откако е постигнат договор сите одлуки да се носат со консензус, а седниците да се одржуваат доколку е присутно мнозинството од членовите.

Филков пак, откако неодамна ја одложи средбата поради отсуството на СДСМ предупреди дека секое блокирање на процесот значи и блокада на реформската агенда.

– Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната група за реформа на изборното законодавство, директно е загрозено добивањето на 4.281.000 евра, а со блокадата на Законот за Јавно обвинителство, дополнителни 6.422.000 евра. Тоа се пари кои може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството – рече тогаш Филков.

Мицкоски неодамна изјави дека десетте точки од реформската агенда кои треба да ги исполнат до крајот на јуни ќе бидат испорачани, освен носењето на Изборниот законик, бидејќи за него е потребен консензус и барањето државата да не испорачува 100 проценти од електричната енергија до домаќинствата, за да не дојде до големо зголемување на цената на струјата.

Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

– СДСМ ја напушти групата која работи на Изборниот законик. И сѐ додека е таа одлуката ние Изборниот законик не можеме да го донесеме, бидејќи тоа е еден од оние закони кои се во групата закони за кои треба консензус во Собранието – рече Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот