Прекуграничната е-трговија – неискористен потенцијал за Македонија и Балканот

Е-трговијата во Македонија и Западен Балкан бележи континуиран раст, поттикнат особено од пандемијата, но нивото на развој останува значително под просекот на ЕУ. Потенцијалот на овие мали и фрагментирани пазари лежи во преку-граничната е-трговија, која засега е недоволно искористена.

Со популација од 17,1 милиони жители и вкупен БДП (PPP) од 376,6 милијарди меѓународни долари (Светска банка, 2022), регионот има можност да создаде значителен заеднички пазар.

Според „Статиста“, приходите од е-трговијата во Западен Балкан во 2029 година се проценуваат на 3,98 милијарди евра, но сепак, прекуграничната е-трговија во Западен Балкан значително заостанува зад ЕУ.

– Србија има највисока проектирана стапка на раст (CAGR) од 10,6 отто, додека Црна Гора најниска со 6,2 проценти. Приходот по корисник (ARPU) е највисок во Црна Гора (1.421 евра), а најнизок во Србија (465 евра). И покрај растот, регионот не ја намалува разликата со ЕУ, при што само Србија има повисок CAGR од европскиот просек – се наведува во соопштението од Асоцијацијата за е-трговија.

Прекуграничната е-трговија во Западен Балкан значително заостанува зад Европката унија.

– Само 4.3 отто од малите и средни претпријатија (МСП) во регионот учествуваат во преку-гранична е-трговија, за разлика од 8.7 отто во ЕУ. Во Македонија, бројот е особено низок – само 1 проценти од МСП се вклучени во прекугранична е-трговија, додека Црна Гора се издвојува со 16 отто, надминувајќи го дури и просекот на ЕУ (DESI 2022 Report) – се вели во соопштението.

Од Асоцијацијата за е-трговија посочуваат дека со подобрување на логистиката и намалување на регулаторните пречки, прекуграничната е-трговија може да стане двигател за економски раст и интеграција на Западен Балкан во глобалната дигитална економија.

Според „Глобалниот извештај за поштенската индустрија 2023“ на Меѓународната поштенска корпорација (IPC), е-трговијата продолжува да игра клучна улога во поштенските и логистичките услуги, додека традиционалниот поштенски приход се намалува. Извештајот покажува дека дури и минимални подобрувања во брзината и квалитетот на преку-граничната достава можат значително да го зголемат онлајн купувањето. На пример, подобрување на брзината на достава за 1 отсто може да ја зголеми стапката на онлајн конверзија за 1,6 проценти, додека подобрување на квалитетот за 1 отсто може да ја зголеми за 2,2 отсто.

-Иако има напредок, потенцијалот за раст на прекуграничната е-трговија сè уште не е искористен. Прогресот е бавен, а високите трошоци за испорака, сложените царински процедури и административните бариери се главни предизвици за компаниите да почнат со прекугранична онлајн продажба. Како резултат, 89% од е-продавниците во Западен Балкан применуваат гео-блокирање, односно не се достапни за купување од други земји надвор од домашниот пазар, согласно истражувањето направено од АЕТМ во 2022 година (Market Analysis on Geo-blocking practices in CEFTA region). Сепак позитивно е што голем дел од нив изразуваат интерес да инвестираат во воведување прекугранична онлајн продажба доколку за тоа се креираат услови, односно се адресираат предизвиците. Ние како Асоцијација за е-трговија работиме на ова поле, како и на зајакнување на регионалната соработка. Со таа цел ја формиравме и Балканската Алијанса за Е-трговија заедно со асоцијациите за е-трговија од Србија, Албанија и Босна и Херцеговина, преку која заеднички се залагаме за забрзан прогрес и создавање подобра бизнис-клима за е-трговците во целиот регион – изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија д-р Нина Ангеловска.

Гореспоменатите податоци се дел од годишниот извештај за е-трговијата во Западен Балкан, изработен од Асоцијацијата за е-трговија во своето шесто издание – „Преглед на е-трговијата во Западен Балкан, 2024 година“, поддржан од НЛБ групацијата. Ова издание, за првпат објавено на англиски јазик, има проширен фокус што ги опфаќа сите шест земји од регионот: Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Извештајот нуди детален преглед на состојбата на е-трговијата, трендовите и можностите за развој, како и примарно истражување за искуствата на е-продавачите и предизвиците со е-плаќањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот