Празничен рецепт на Стефанија Несторовска: Новогодишни „нутела“ чискејк барови
Инвентивната Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa ви донесува необичен, но превкусен рецепт, кој можете да го јадете и како ужина и како десерт. Како што вели Стефанија, подгответе го вашето непце за уживање во свежите „нутела“ чискејк барови. Самата Стефанија е голема обожавателка на лешници, па овие барови се едни од поубавите десерти што ги направила.
Препорачано
„Нутела“ чискејк баровите ќе бидат идеален десерт и на вашата новогодишна трпеза, истовремено, збогатувајќи ја и со својот изглед и со неодоливиот вкус.
Состојки:
За база:
– 130 г (1 шолја) лешници
– 225 г (1 шолја) урми*
– 30 г (¼ шолја) какао во прав
– малку сол
*Доколку урмите се премногу суви, ставете ги во врела вода и оставете ги да отстојат околу 1 час. Колку се помеки – толку полесно се блендираат и даваат подобра текстура.
За дополнителен богат вкус:
– 280 г (2 шолји) индиски ореви, покиснати во вода*
– 3 лажици агаве нектар (или повеќе за поблаго)
– 120 мл (½ шолја) кокосово масло, растопено
– 60 г (¼ шолја) + 2 лажици путер од лешник
– 120 мл (½ шолја) вода
– 60 г (½ шолја) какао во прав
*За киснење на индиските ореви – само се додаваат во длабок сад, се додава доволно вода за да ги покрие сите и се оставаат да се киснат најмалку 4-6 часа или идеално преку ноќ. За брза постапка, се додаваат во врела (превриена) вода и се оставаат 1-2 часа.
За фил:
– (½ шолја) лешници, исечкани со нож (по желба)

Начин на подготовка:
Најпрво се подготвува сад што ќе служи како калап за баровите. Јас користев 20х20 керамички сад, меѓутоа може каков било сад по желба. Баровите не се печат, така што не е важен ниту материјалот на садот. Се поставува хартија за печење за да се отстранат полесно баровите кога ќе се стврднат.
Во блендер или во кујнски робот се додаваат лешниците, какаото и малку сол и сѐ се блендира додека не се иситнат лешниците на мали парченца. Не мора премногу да се блендираат затоа што, сепак, треба да има малку текстура и крцкавост од лешниците. Се вадат од блендерот и се додаваат во длабок сад.
Во истиот блендер (не мора да се мие) се додаваат урмите и се блендира сѐ додека не се иситнат и не се добие смеса како паста од урмите. Доколку имате мал (слаб) блендер, може ќе биде потребно да се блендираат на тури.
Добиената паста од урми се додава на лешниците и (најубаво) со рака убаво се мешаат за да се соедини и да се добие смеса што лесно ќе се оформува. Ако имате силен блендер – искористете го за овој чекор.
Добиената смеса се додава во садот од чекор 1 и се притиснува на површината на садот. За полесно може да се користи чаша, чинија или нешто слично со рамна подлога и притискајте убаво низ смесата за да се израмни и наталожи.
Садот се остава во ладилник додека се подготвува филот.
Индиските ореви се цедат од водата во која стоеле, се премиваат со ладна чиста вода, се процедуваат и се додаваат во блендер заедно со сите други состојки за филот (освен какаото).
Се блендира сѐ додека не се добие соединета кремаста смеса. Се додава и какаото и повторно се блендира сѐ додека не се соедини со другите состојки.
Пробајте ја смесата да не ѝ недостасува нешто или адаптирајте на сопствениот вкус.
Оваа смеса се додава на базата, се израмнува со шпатула и се додаваат филови по желба. Целиот сад оди во замрзнувач да се зацврсти најмалку два-три часа или најубаво преку ноќ пред да се исече на барови.
Кога ќе се извади од замрзнувач, ако е прецврсто за сечење – оставете го 10-тина минути на собна температура, ќе пушти малку, па лесно ќе се исече.
Идеално е да се чува во замрзнувач и да се вади по потреба, лесно се пушта, а вкусно е и кога не е сосема одмрзнато (како сладолед). Инаку, може да се чува и во ладилник, само филот малку ќе пушти и ќе биде повеќе како пудинг.

Забелешки и совети:
→ Јас користев бели лешници што се само благо печени, без сол. Ако сакате да користите од оние што се баш свежи лешници, ќе мора да ги потпечете малку во рерна па да ги излупите од лушпата.
→ Индиските ореви не препорачувам да се заменуваат со друг вид јаткасти плодови.
→ Агаве нектарот може да се замени со кој било друг засладувач по желба, меѓутоа може да го промени малку вкусот на самите барови. Не е страшно, само имајте го на ум.
→ Путерот од лешник може да се замени со кој било друг путер од јаткасти плодови, меѓутоа ќе се изгуби шмекот на „нутела“. Секако ќе бидат успешни и вкусни, ова ви го предочувам како информација.
→ Баровите може да стојат во замрзнувач 2-4 месеци или во ладилник до еден месец, без проблем.
→ Бидејќи самата смеса содржи доста кокосово масло, па многу брзо се топат доколку се остават на собна температура, затоа не заборавајте да ги чувате на ладно.


