Пратениците од Европски фронт ќе собираат потписи за иницирање уставни измени
Пратениците од Европскиот фронт денеска во Собранието најавија иницијатива за собирање пратенички потписи за иницирање на уставни измени. Иницијативата, како што посочија, се заснова на уставната можност според која предлог за измена на Уставот може да поднесат најмалку 30 пратеници.
Препорачано
– Упатуваме повик до сите пратеници во Собранието, и од парламентарното мнозинство и од опозицијата, како и претставниците на сите политички партии кои ја гледаат иднината на државата во Европската Унија, да ја дадат својата поддршка со потпишување на оваа иницијатива. Ова не е прашање поврзано со партиски интереси или политички калкулации. Ова е суштинско прашање за стратешката ориентација на државата и за иднината на нашите граѓани. Република Северна Македонија изгуби две години во целосна блокада на евроинтегративниот процес, без никаков напредок. Ова е моментот за клучниот чекор кој ќе го деблокира процесот и ќе овозможи реално продолжување на преговорите со Европската Унија – изјави Блерим Беџети од ДУИ.
Тој, како што нагласи, посебно упатува повик до пратениците од владејачката ВЛЕН да ја поддржат иницијативата „со што ќе ги материјализираат ветувањата дадени пред граѓаните за продолжување на евроинтегративниот процес“.
– Ова не е прашање поврзано со партиски интереси или политички калкулации. Ова е суштинско прашање за стратешката ориентација на државата и за иднината на нашите граѓани. Република Северна Македонија изгуби две години во целосна блокада на евроинтегративниот процес, без никаков напредок. Ова е моментот за клучниот чекор кој ќе го деблокира процесот и ќе овозможи реално продолжување на преговорите со Европската Унија. Не можеме повеќе да се криеме зад привремени изговори. Регионот напредува. Црна Гора се наоѓа во напредна фаза на преговорите, додека Албанија ги има отворено сите преговарачки кластери. Во меѓувреме, Северна Македонија ризикува да остане зад нив поради недостиг на политички одлуки и државничка одговорност. Почнувајќи од денес, секој пратеник има можност јасно да се определи: за деблокирање на процесот или за продолжување на блокадата; за европскиот пат или за изолација; за иднината на државата или за тесни партиски калкулации – изјави Беџети.
Со блокиран статус, според пратениците од Европски фронт, не се загрозува само евроинтегративниот процес, туку и стратешката стабилност на државата и темелите врз кои е изградена, вклучително и Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство.
– Овие не се документи од минатото, туку основа на стабилноста и евроатлантската перспектива на државата. Во исто време, имаме обврска како држава и како политички претставници да ја оправдаме довербата што ни е дадена од нашите стратешки партнери, вклучително и Соединетите Американски Држави и Европската Унија. Оваа доверба бара конкретни одлуки, политичка одговорност и навремено дејствување. Ние, како пратеници од Европскиот фронт, сме подготвени да го направиме нашиот чекор. Сега е ред на сите други пратеници кои веруваат во европската иднина на државата. Ги повикуваме сите: ставете го вашиот потпис, деблокирајте го процесот и овозможете ѝ на државата да оди напред – порача Беџети.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент Томас Вајц, во интервју за Еуроњуз на бугарски јазик, оцени дека Владата цела година нема спроведено никакви реформи за евроинтеграција и дека земјата цела година стои во место.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, одговарајќи на новинарско прашање, како ги коментира критиките од Томас Вајц, рече дека извештајот што тој го прочитал од известувачот за Македонија е целосна спротивност на изјавите на европратеникот.
– Не знам кој извештај од известувачот за Македонија сте го читале вие, напротив, тој извештај што јас го слушнав е комплетен антипод од вашето прашање – изјави Мицкоски.


