Позната програмата на ОФ-Фест 2019

Традиционалниот ОФ-Фест, што годинава ќе се одржи (во рекордни шест дена) од 3 до 8 јуни, е сочинет од 9 настапи и еден документарен филм.

Осумнаесеттото издание на фестивалот ќе го отвори, на 3 јуни во МОБ, виртуозниот дует на велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора-мастер Секоу Кеита, како и нашиот њујорчанец Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез сцена.

На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм “Mali Blues”, а потоа и со концертот на единствениот Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум “Miri”. Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер, на 5 јуни, во МОБ, со настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот ОФФ-Фест, атрактивната африканска дива Fatoumata Diawara.

Во рамките на т.н. “Balkan Fever Night”, на 6 јуни во МКЦ, ќе се „судрат” две големи балкански world-music атракции: неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица” Sondorgo и струмичкиот „фанки тигар” Џамбо Агушев со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар. Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудио-визуелен перформанс на „либанскиот одговор на Gotan Project” – групата Love And Revenge и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo. Фестивалот ќе финишира на 8 јуни, во клубот Епицентар, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Daddy G од Massive Attack.

Влезниците за OFFest 2019 ќе бидат пуштени во продажба на 23 април (вторник), а информацијата за цените и продажните места ќе биде објавена дополнително.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот