Познат њујоршки готвач откри како се прави совршен француски тост: Трикот е во еден детаљ
Познатиот готвач Марк Марфи открива рецепт за француски тост кој е крцкав однадвор, а мек однатре.
Препорачано
Не задоволувајте се со тенок и влажен француски тост кога наместо тоа можете да јадете пополни, сочни и вкусни парчиња што се крцкави однадвор, а вкусно меки однатре, вели познатиот готвач Марк Марфи, сопственик на неколку ресторани во Њујорк.

Изберете го вистинскиот вид леб
– Заборавете на она што сте го слушнале за хала (традиционален еврејски леб во облик на плетенка) и бриош (сладок француски леб) и тврдењата дека тие се најдобриот избор за француски тост. Да, тие се богати и вкусни, но нема да го издржат видот на натопување што е потребен за да се добие француски тост за вистински појадок. Сакам да биде крцкав однадвор, а мек и кремаст однатре. Затоа користам крцкав леб. Сè што има тврда кора, како багет или богат домашен леб ќе биде одличен избор – објаснил тој.

Како да ја подготвите смесата
– Изматете ги јајцата, слатката павлака, неколку капки коњак и екстрактот од ванила. Потоа, во смесата ставете подебели парчиња леб и оставете ги да киснат преку ноќ, па дури и 24 часа ако имате време – советува готвачот.
– Тој покрцкав и подебело сечен леб ќе ги впие сите состојки и нема да се распадне. Следното утро, парчињата ставете ги на решетка и оставете ги 15 минути за да се исцеди вишокот течност – додал Марфи.

Се пржи двапати
– Клучот за крцкава коричка и свиленикава мека внатрешност е двојното пржење. Секоја страна од лебот посипете ја со малку мешавина од брашно и шеќер, тоа ќе му даде убава кора. Потоа, печете го во тефлонско или тавче од леано железо на силен оган додека двете страни не добијат златно-кафеава боја – вели Марк Марфи.
– Префрлете го во плех и ставете во рерна загреана на 175 степени Целзиусови. Печете 10 до 15 минути. Тоа помага да стане како суфле со кремот во средината – објаснил познатиот готвач.
– Најдобро е да го јадете тостот додека е свеж. Декорацијата нека биде едноставна, грст овошје или висококвалитетен јаворов сируп – заклучил Марфи, пишува Reader’s Digest.



