Потврдена причината за смртта на актерот Патрик Малдун
Откриена е причината за смртта на Патрик Малдун, актер познат по улогите во сериите „Денови од нашите животи“ (Days of Our Lives) и „Мелроуз Плејс“ (Melrose Place). Малдун почина на 19 април, а сега е потврдено дека починал како последица на срцев удар.
Препорачано
Во смртницата, во која увид имал „Пипл“, се наведува дека актерот починал од инфаркт на миокардот. Како основни причини се посочени белодробна емболија и наследна коагулопатија – генетска состојба што влијае на процесот на згрутчување на крвта. Белодробната емболија претставува згрутчување на крвта што го блокира протокот во белодробната артерија.
Само два дена пред смртта, Малдун на Инстаграм објави дека е возбуден поради новиот криминалистички трилер „Бубашваба“ (Kockroach), на кој работел како извршен продуцент. Во филмот играат Крис Хемсворт и Тарон Егертон.
Актерот беше најпознат по улогата на Остин Рид во „Денови од нашите животи“, која ја играше од 1992 до 1995 година, а повторно ѝ се врати во 2011 година. Публиката го памети и по улогата во „Мелроуз Плејс“, како и по ликот на Зандер Баркалоу во филмот „Вселенски војници“ (Starship Troopers) од 1997 година.
По веста за неговата смрт, бројни колеги се простија од него на социјалните мрежи. Лиса Рина сподели нивна заедничка фотографија со емотикон на скршено срце.
Неговата колешка Алисон Свини изјави дека Малдун бил „исклучително талентиран, љубезен и великодушен човек“.
Според „Варајети“, зад себе ја остави партнерката Миријам Ротбарт, родителите, сестрата и поширокото семејство.


