Последните денови на Фреди Меркјури: Починал под свои услови, а по смртта оставил подароци за пријателите

Фото: Angela Vinci / Zuma Press / Profimedia

Личниот асистент на Фреди Меркјури, Питер Фиби Фристон, откри какви биле последните денови од животот на главниот вокал на музичката група „Квин“. Тој се присети на шокантната дијагноза на пејачот и неговата решеност да почине „под негови услови“, пишува „Стил“.

Фристон живеел заедно со рок-ѕвездата, во периодот кога Меркјури се водел тешка битка со Синдромот на стекнат имунолошки дефицит (СИДА), а и за време на последните денови од животот на пејачот.

„Јас бев главен готвач во неговиот дом – келнер, батлер, секретарка, чистачка и тетка. Јас бев негов телохранител кога беше потребно и, на крајот, му станав и медицинска сестра“, раскажа личниот асистент на Меркјури.

Асистентот живеел заедно со пејачот, неговиот партнер Џим Хатон и нивните шест мачки.

„Куќата на Фреди беше мирно место. Тоа беше неговиот дом, место каде што се чувствуваше безбедно. Можеше да облече тренерка наутро, да биде тивок ако сака, да спие кога сака или да се однесува “несоодветно”. Фреди сакаше да се смее, тој секогаш беше таков со луѓето што го засмејуваа. Кога Фреди беше жив, тоа место беше најтоплото место на светот, место каде секој би сакал да престојува. Штом тој почина, местото го загуби својот сјај“, се присети Фристон.

Фреди Меркјури / Фото: Profimedia

Не сакал да ја прифати болеста

Кога му била дијагностицирана болеста, Меркјури не можел да поверува дека тоа му се случува. Тој знаел дека вирусот се шири низ светот, знаел дека некои од неговите пријатели се болни, но никогаш не помислувал дека тоа може да му се случи нему.

„Во тие денови, да се биде дијагностициран со СИДА значеше смртна казна. И ден-денес е тешко, но сега крајот може да се одложи. Мислам дека Фреди имаше идеја дека е болен кон почетокот на 1987 година, но долго се обидуваше да го избегне лекарскиот преглед“, се присети асистентот.

Кога лекарот се обидел да му се јави и да го извести дека е заразен со ХИВ-вирусот, пејачот не сакал да одговори на телефонскиот повик.

„На крајот, лекарот ѝ се јави на Мери (Остин) и ѝ кажа дека треба итно да разговара со Фреди. Па, Мери мораше да го убеди Фреди, конечно, да се чуе со лекарот. Тој знаеше дека ќе чуе лоши вести, па не сакаше да ги слушне зборовите на лекарот“.

Фреди Меркјури и Мери Остин / Фото: Profimedia

Фристон смета дека кога болеста на Меркјури почнала да се развива, пејачот знаел дека неговите денови се избројани. Па, на 23 ноември, 24 часа пред да почине, тој ја потврдил веста дека е болен од СИДА со изјава за медиумите.

„По бројните претпоставки во печатот во изминативе две недели, сакам да потврдам дека ХИВ тестот ми беше позитивен и дека имам СИДА. Чувствував дека е исправно да ја чувам оваа информација во тајност сè до денес, за да ја зачувам приватноста на тие околку мене. Сепак, сега дојде времето моите пријатели и обожаватели низ светот да ја знаат вистината и се надевам дека сите ќе ми се придружат, моите лекари, и сите оние во светот во борбата против оваа ужасна болест. Мојата приватност отсекогаш ми била многу важна и јас сум познат по моите малкубројни интервјуа. Ве молам разберете дека овој принцип ќе продолжи“, гласеше последната изјава на Меркјури.

За малку повеќе од 24 часа, Меркјури почина на 45-годишна возраст, во својот дом во Кенсингтон. Официјалната причина за смртта беше бронхо-пневмонија причинета од СИДА.

„Сите се надевавме дека му претстојат денови, месеци на борба, но јас мислам дека самиот Фреди реши дека му е доста и дека е време да си замине по свои услови“, заклучи Фристон.

Џорџ Мајкл и Фреди Меркјури во 1990 година, период кога пејачот на „Квин“ се соочувал со СИДА-та / Фото: Profimedia

Скромен погреб

„Неговиот погреб беше многу скромен, нетипичен за една глобална суперѕвезда. Се одржа со некои од неговите блиски пријатели и семејството“, сподели неговиот асистент.

„Фреди никогаш не зборуваше за неговиот погреб додека беше жив. Како што рече во едно интервју, не му беше гајле што се случи откако умре. Тој му рече на својот менаџер: ‘Можеш да правиш што сакаш со моето наследство, само не прави да изгледам досадно’“, додаде тој.

Никој, освен неговата поранешна свршеница Мери Остин, не знае каде е неговата урна. Меркјури ѝ ја доверил оваа задача бидејќи не сакал фановите да го „вознемируваат“ кога ќе почине.

Неколку дена по неговата смрт, неговите најдобри пријатели добиле подароци и проштални писма од пејачот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот