По пет години најава, конечно тргна работата: Улицата „Мирослав Крлежа“ ќе стане пешачка зона
Започна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, со која оваа сообраќајница ќе се пренамени во пешачка и резиденцијална зона, после пет години откако овој зафат беше првпат најавен.
Препорачано
Целта на проектот е да се уреди јавниот простор и да се воведе организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“. Поголемиот дел од потребните финансиски средства, поточно 70 отсто од износите се обезбедени од Светска банка, додека преостанатите се покриени од општинскиот буџет.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи.
Во рамки на реконструкцијата предвидено е да се инсталира ново улично осветлување, да се постават клупи и канти за отпадоци, како и целосна обнова на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи. На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.
Од Општината информираат дека проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило.
Пренамената на оваа улица во пешачка за првпат ја најави поранешниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ во јули 2021 година. Тогаш Општината објави Јавен конкурс во соработка со Архитектонскиот факултет во Скопје, при што од најдобрите три решенија изработени од студентите се формираше едно идејно решение за основниот проект за реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“, во согласност со барањата и потребите на жителите во Дебар Маало.
Сепак, проектот не се спроведе, а минатата година пренаменување на улица „Мирослав Крлежа“ во пешачка зона и резиденцијална зона, со ново улично осветлување, поставување на урбана опрема и реконструкција на коловозот, влезе во Планот на програми за развој за периодот од 2025 до 2027 година, кој беше изгласан од советниците на општинскиот Совет. Според Планот улицата требаше да стане пешачка на потегот од улицата „Орце Николов“ до кај кафулето „Правда“.
За пренамената на улица Мирослав Крлежа (поранешна улица Ѓуро Ѓаковиќ) во пешачка зона и резиденцијална зона, со ново улично осветлување, поставување урбана опрема и реконструкција на коловозот, планирани се 82.000.000 денари од кои 750.000 денари за 2021 година за изработка на основен проект, ревизија на основен проект се исплатени, за 2022 година не се предвидени средства бидејќи договорот е раскинат со изведувачот, во 2024 година се предвидува избор на изведувач за што се предвидени средства во износ од 1.000.000 денари за почнување со работа, средства во износ од 45.000.000 денари за 2025 година, средства во износ од 1.000.000 денари за 2026 година и средства во износ од 34.250.000 денари за 2027 година – беше наведено во образложението во Планот за развој на овој проект.


