Фото: Aqua Image, Aqua Image / Alamy / Profimedia

Португалските научници откриваат: Морските алги играат важна улога во складирањето на јаглерод, но се загрозени од климатските промени

Португалски научници открија дека морските шумски на алги долж северниот брег на Португалија играат значајна улога во задржувањето и складирањето на јаглеродот, но предупредуваат дека климатските промени ги загрозуваат нивните способности.

Студијата објавена во списанието „Саентифик репортс“, се фокусирала на доминантните видови алги во тој регион и за првпат ја измерила количината на јаглерод што морските алги ја апсорбираат во овие подводни екосистеми, пренесува „Јуроњуз“.

Според резултатите од португалскиот Интердисциплинарен центар за истражување на морето и животната средина (ЦИИМАР) и Центарот за морски и еколошки науки (МАРЕ), шумските алги задржуваат околу 16,48 гигаграми јаглерод на површина од 5.189 хектари, што е површина која одговара на повеќе од 5.000 фудбалски игралишта.

Меѓутоа, студијата предупредува дека процесот наречен тропикализација (размена на видови поради затоплувањето на морето) веќе влијае на португалските води, што може да доведе до намалување на биодиверзитетот.

„Процесот на тропикализација е веќе откриен во португалските води, загрозувајќи го поврзаниот биодиверзитет, како и еколошките придобивки што ги даваат овие шуми, вклучувајќи ја и способноста за зафаќање и складирање на јаглерод, со што се придонесува за ублажување на климатските промени“, истакнува еден од авторите на студијата, Франсиско Аренас.

Истражувачите предлагаат насочени политики за следење, заштита и обновување на овие морски живеалишта, нагласувајќи го нивното значење како резервоари на јаглерод и како клучни живеалишта за морските екосистеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот