Порази за одбојкарите и одбојкарките на контролките против Црна Гора и Косово
Македонските одбојкарски селекции денеска ги одиграа своите контролни натпревари, но и женската и машката репрезентација забележаа порази од своите противници.
Препорачано
Женската селекција загуби на гостувањето кај Косово со 3-1 во сетови. Избраничките на Милош Гавриловиќ одлично го отворија натпреварот и го добија првиот сет со 25-23, но домаќинките возвратија во вториот сет кој го решија во своја корист со 26-24. Косовските одбојкарки потоа ја задржаа иницијативата и славеа и во следните два сета со 25-16 и 26-24 за конечна победа.
Гавриловиќ во текот на натпреварот им даде можност за настап на сите репрезентативки, правејќи бројни ротации во составот.
Македонските одбојкарки утре ќе имаат нова проверка против истиот противник, а вториот пријателски дуел во Скендерај е закажан за 15 часот.
Во меѓувреме, машката репрезентација во Подгорица одигра неизвесен натпревар против Црна Гора, но на крајот остана без освоен сет. Црногорците славеа со 3-0, иако сите три сета беа исполнети со голема борба и неизвесност до самиот крај. Домаќините првиот сет го добија со 28-26, вториот со 25-20, а најдраматичен беше третиот кој заврши со 31-29 во нивна корист.
Селекторот Јошко Миленкоски исто така им даде шанса на сите одбојкари во ростерот, а по одиграните контролни средби во Подгорица, репрезентативците утре се враќаат во Македонија.


