Поранешeн ракометар на Вардар и Металург пред голем трансфер во Веспрем
Поранешниот ракометар на Металург и Вардар, Стефан Додиќ се наоѓа пред најголемиот чекор во својата кариера, откако по одличните настапи во дресот на Србија на Европското првенство го привлече вниманието на ракометниот гигант Веспрем. Унгарскиот клуб покажал сериозен интерес и иако во ракометот трансферите најчесто се реализираат по завршување на сезоната, Додиќ би можел експресно да се пресели во тимот предводен од Чави Пасквал.
Препорачано
Според информациите на српскиот „Моцарт спорт“, договорот е практично завршен и српскиот ракометар треба да го облече дресот на Веспрем уште во текот на зимата. Во борбата за место во првиот тим, Додиќ ќе се соочи и со уште еден поранешен ракометар на Вардар, Лука Циндриќ. Иако договорот со Војводина му истекува во јуни, српскиот клуб ќе добие соодветно обештетување.
Ракометната приказна на Стефан Додиќ започна во Македонија како исклучително млад талент пристигна во Металург, а на само 15 години Лино Червар му даде шансата да дебитира во Лигата на шампионите.
Иако важеше за голем европски „вундеркинд“, честите повреди го кочеа неговиот напредок. Во сезоната 2021/22 беше дел и од Вардар, со кој настапуваше во Лигата на шампионите, а кратко време играше и за Охрид. Потоа следуваа епизоди во Загреб и Целје, пред во 2023 година да се пресели во Војводина, каде што конечно ја пронајде вистинската форма.


