Поранешниот олимпиец Михајло Ристовски реагира: Пукам од антитела по вакцината на „Астра-Зенека“, ама во „Рес Хумана“ тестот покажа дека ги немам!

Стружанецот Михајло Ристовски во ист ден направил две испитувања за да види дали има антитела откако примил една доза од вакцината на „Астра-Зенека“ во Србија. На првиот тест, кој го направил во ,,Рес Хумана” му кажале дека нема антитела. Потоа, во лабораторијата Синлаб, резултатот покажал дека ,,пука од антитела”.

-Се вакцинирав во Србија пред месец дена. Во понеделникот отидов во лабораторијата на Рес Хумана во Скопје, за да видам каква ми е состојбата со антителата, дали имам развиено и колку. Ми кажаа дека немам антитела. Исто дојде и колегата од работа со мене, и нему му рекоа дека нема антитела. Но, јас се посомневав во овие резултати. Отидов во друга лабораторија, зашто не можев да се помирам, имам родители кои се пензионери дома, а не се вакцинирани и сакам да знам на што сум. И вториот тест што го направив истиот ден во Синлаб, покажа дека пукам од антитела, односно ако границата е 0.8, јас имам антитела 13, вели триесет и осумгодишниот стружанец за Слободен печат.

Тој додава дека не му е за парите, иако тестовите се разбира, чинат пари, туку се грижи за квалитетот и затоа ќе побара надлежните институции да проверат како се прават тестовите за антитела, односно како е можно, во ист ден, во две различни лаборатории, да се добијат сосема дијаметрално спротивни резултати.

 

-Се вратив во Рес Хумана, да им кажам дека на тестот од Синлаб имам многу антитела, но тие ми рекоа дека стојат на својот став дека резултатот ми е точен. Тестот во Рес хумана чинеше 800 денари, а тој во Синлаб 1500 денари, вели Ристовски.

Тој во нашата редакција ги достави двата резултати што ги добил и напомена дека утре ќе го пријави случајот во Државниот здравствен и санитарен инспекторат за да го испитаат случајот, а ќе се обрати и до Инстиутот за акредитација на лаборатории.

Се обративме во лабораторијата на Рес Хумана меѓутоа оттаму се децидни дека пациентот нема антитела.

-Правиме по сто тестови дневно, стоиме позади резултатот. Пациентот дојде да се заканува дека ќе не затвори, но не подлегнуваме на тие притисоци. Серумот го чуваме и тестот е направен и повторен и резултатот е тој. Пациентот нема антитела. Ние правиме тест за спајк антитела, а какви антитела се бараат во другата лабораторија не можам да знам, ни рече докторката што го спровела тестирањето.

Инаку Ристовски е поранешен пливач, маратонец на кратки патеки, кој учествуваше на летните олимписки игри во Пекинг во 2008 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот