Јсп/Фото „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

Поради градежни работи на улица, хромци цел месец се без автобус – жителите револтирани

Колку време ќе траат градежните работи и до кога жителите на Хром ќе бидат без автобус – не се знае, но тие тврдат дека работниците кои работат на улицата каде се обновува и канализацијата им рекле дека така ќе биде до крајот на годината.

Многу забуни кај скопјани кои користат јавен превоз предизвикаа измените на линискиот превоз на патници, со што всушност се направи реален приказ на линиите и на динамиката со која возат автобусите согласно бројот на автобусите кои во моментов сообраќаат по градските улици.

Измената следеше откако претходно речиси три години советниците во Советот на Град Скопје не дозволуваа да се промени возниот ред кој беше изгласан во времето кога на улиците на главниот град секојдневно возеа околу 300 автобуси на ЈСП. Со оглед на фактот дека во изминатите пет години немаше некоја позначителна набавка на нови автобуси, возилата остареа и дел поради дефекти останаа паркирани во депоата на ЈСП. Поради тоа, ниту можеа да го почитуваат возниот ред, ниту граѓаните знаеја кога ќе пристигне автобусот што го очекуваа.

Новиот возен ред се усвои за да се надминат овие непријатности за патниците, но истовремено значеше дека некои автобуси кои според стариот распоред возеа на десет минути, сега ќе минуваат на секој 15 или 20, некои од линиите ја продолжија трасата и станицата за поаѓање, а кај некои воопшто немаше никакви измени.

Сето ова предизвика вознемиреност кај редовните патници во градскиот превоз, се појавија и разни шпекулации за укинати линии, а за неможноста да се „фати“ редот на некои автобуси придонесе и градежната сезона, кога истовремено започна реконструкција на повеќе улици, па поради тоа градските возила не одеа до крајните станици.

Таков проблем имаа жителите на Хром со автобусот број 4. Како што се пожалија некои од граѓаните во изминатиот период овој автобус не оди до Хром туку до Порта Влае, а притоа нема никакво известување од ЈСП зошто е тоа така.

Од кога на автобусот 4-ка последна станица е во Влае? Уште колку време ќе немаме автобус? Плаќаме превоз ама зашто плаќаме, срамота! Населбата е оставена без градски превоз – реагира жител на Хром.

Оттаму прашуваат дали ова е резултата на промената на возниот ред или на самоволието на возачите.

Драчево шест месеци „отсечено“ од Лисиче: Не патишта, туку алтернативни домови треба да си бараме, реагираат жителите!

Од ЈСП „Скопје“ велат дека причина за скратувањето на линијата што сообраќа на релација село Усје – Хром, кое трае веќе еден месец, е поради градежни работи на една улица во ова населба.

Пренасочувањето е поради поставување на атмосферска канализација на улицата „Воин Драшкоци“ во населбата Хром, како дел од градежните активности што ги спроведува Општина Ѓорче Петров за кое имаме добиено официјална информација и поради истото автобусите не се во можност да сообраќаат во тој дел до завршување на градежните активности – велат од ЈСП.

Колку време ќе траат градежните работи и до кога хромци ќе бидат без автобус – не се знае, но жителите тврдат дека работниците кои работат на улицата каде се обновува и канализацијата им рекле дека така ќе биде до крајот на годината. Тие тврдат и дека многу бавно се работи.

Цела недела мајстори не сум видела. Камчиња летаат од колите кога поминуваат, се плашиш да не ти летне некое да те удри или да оштети некој автомобил. Шахтите се пропаднати и испукано е околу нив. Има ли некој надзор, има ли некој рок за изведба? Хром е како слепо црево на општината. А за 4-ката ќе си причекаме кога пак ќе ја видиме во Хром – револтирано реагира жителка на Хром.

И не е ова единствената линија која е скратена. Неодамна ЈСП извести дека поради градежни работи на улицата „Киро Фетак“ во Драчево, автобусите 31 и 163 кои редовно минуваат тука ќе возат по други улици. Станува збор за линијата која го поврзува село Долно Лисиче со Транспортен центар и за линијата од Илинден до Драчево. Автобусите цели шест месеци ќе бидат пренасочени по изменети траси преку булевар „Србија“, булевар „12-та Македонска Бригада“ и улицата „Горно Лисиче“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот