Фото: Промо

Популарниот готвач Филип Ондрушек ќе ги открива автентичните вкусови на Охрид, Битола, Преспа и Мариово

Светски познатиот готвач со словачко-австриско потекло, Филип Ондрушек, кој својата кариера ја градел низ врвната европска гастрономија и современата „фајн дајнинг“ сцена, доаѓа во Македонија.

Од 19 до 26 мај, тој ќе биде гостин на „Слоу фуд“ мрежата во Македонија. Организирана е богата програма, која ќе ги поврзе вкусовите, традициите и приказните на локалните производители, носејќи го вистинскиот ритам на бавна и посветена гастрономија. Наместо луксузни хотелски кујни и затворени гастро-настани, Ондрушек ги одбра македонските пазари, локалните производители, селските трпези и автентичните вкусови на Охрид, Битола, Преспа и Мариово.

Ќе ја истражува локалната традиција, сезонските производи и потенцијалот на нашата кујна како современ гастрономски бренд. Во рамките на посетата, Ондрушек ќе одржи мастер-клас на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид на тема „Локални состојки, сезонски менија и гастрономија без отпад“. Пред студентите ќе зборува за современите гастрономски трендови, одржливата гастрономија и улогата на локалните состојки во современата кујна.

Посебен дел од програмата ќе биде демонстративната сесија за готвење со локални и сезонски состојки, како и дискусијата за управување со „нула отпад“ во професионалните кујни – тема која денес е еден од најважните глобални трендови во гастрономијата. Ондрушек ќе има и средби со локални производители и готвачи, а во Винарија Манастир ќе се одржи панел за кулинарска соработка и „зелено гостопримство“.

Заедно со готвачите од локални ресторани во Охрид, ќе работи на јадења инспирирани од традиционалната македонска кујна, сезонските производи и современите техники на готвење. Во панел-дискусијата „Зелено гостопримство во Охрид“ ќе се разговара за одржливо управување со ресторани, намалување на отпадот од храна, енергетска ефикасност во угостителството, локални набавки, кратки синџири на снабдување, но и за гастрономијата како сериозен туристички производ за Охрид и Македонија.

По Охрид, гастрономската приказна продолжува во Битола и Пелагонија. Ондрушек ќе ја посети Преспа, каде што ќе се запознае со подготовката на традиционалното ѓомлезе, а ќе има и средби со тимот на „Слоу фуд“ во Македонија и локалните производители. Во програмата се вклучени и посета на село Дихово – познато по македонската медоносна пчела, посета на Буково – село мапирано по прочуената буковска пипер, како и работилници во „Фуд рипаблик“, гостилница која користи производи од локални производители и има автентичен македонски шмек.

Тој ќе се сретне и со млади готвачи од мрежата на „Слоу фуд“ во Македонија, ќе го посети регионот Мариово и селото Зовиќ, винаријата Сарика, а ќе прошета и низ Старата чаршија и пазарот во Битола. Посетата ќе заврши со подготовка на гала-вечера.

Посетата на Филип Ондрушек се очекува да донесе нова енергија и дополнителна промоција на македонската гастро-сцена пред меѓународната јавност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот