Полска не губи време — бара Унгарија итно да ѝ ги испорача пребеганите функционери-криминалци
По победата на Петер Маѓар на изборите во Унгарија, полскиот министер за правда повторно испратил писма во кои бара одговори од Унгарија околу бараната екстрадиција на двајца поранешни функционери побегнати во Унгарија од правдата во својата земја – Збигњев Зиобро и Марчин Романовски, пренесе агенцијата ПАП.
Препорачано
Министерот за правда и генерален обвинител на Полска, Валдемар Журек, во вторникот испратил две писма до Будимпешта, во кои првенствено бара официјален одговор за тоа дали на поранешниот полски државен секретар за правда Марчин Романовски и на поранешниот министер за правда, Збигњев Зиобро, навистина им е одобрен азил во Унгарија.
Полска претходно ги контактираше унгарските власти, но одговорот што го добила на 30 март го опиша како „недоволен“.
Новоизбраниот премиер Маѓар веќе неколкупати зборуваше за поранешните политичари на кои довчерашната власт на Виктор Орбан им додели политички азил. На неговата меѓународна прес-конференција во понеделникот, Маѓар рече дека Унгарија не може да биде „засолниште за меѓународно барани криминалци“. Тој вети дека во иднина ќе обезбеди соработка според меѓународното право, што значи дека ќе се испорачуваат оние кои се гонат во други земји.
Темата за екстрадицијата на поранешни функционери кои Унгарија ги згрижила откако биле обвинети или осудени за корупција во нивните земји, деновиве беше многу актуелна и во Македонија. Во јавноста и натаму не запираат шпекулациите околу тоа дали новите власти во Будимпешта ќе го екстрадираат поранешниот премиер Никола Груевски, како што навести Маѓар.
Груевски, кого поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) го обвини за повеќе кривични дела извршени додека бил премиер, избега од Македонија на контроверзен начин во 2019 година, соочен со затворски казни за дел криминалот за кој беше осуден (други случаи против него и натаму се активни, а некои застареа).
Премиерот Христијан Мицкоски, кој му е сопартиец на Груевски во ВМРО-ДПМНЕ и во времето на неговата власт беше генерален директор на државната компанија за струја ЕЛЕМ (денес ЕСМ), изјави дека ако Груевски се појави во Македонија, тој ќе оди во затвор. Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), пак, ја притиска Владата итно да побара екстрадиција на експремиерот, за тој да одговара за криминалите за кои е обвинет пред македонските судови.
Неколку сценарија за судбината на Груевски – Скопје зборува, Будимпешта одлучува


