Неколку сценарија за судбината на Груевски – Скопје зборува, Будимпешта одлучува
Во голем број држави, меѓу кои и Унгарија, постои јасна уставна и законска рамка што забранува екстрадиција на сопствени државјани. Тоа значи дека дури и ако се исполнети сите други услови – постои пресуда, постои барање – државата едноставно може да каже „не“, вели за „Слободен печат“ директорот на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски.
Судбината на поранешниот премиер Никола Груевски останува правно отворена, но географски јасна, таа ќе се крои во Будимпешта, а не во Скопје, исклучиво преку потезите што ќе ги повлече идниот унгарски премиер Петер Маѓар и одлуките што ќе ги донесат институциите во Унгарија врз основа на неговиот правен статус во Будимпешта.
Препорачано
Иако официјално не е потврден статусот на Груевски во Унгарија, сепак во игра се неколку сценарија за тоа што ќе значи победата на Маѓар за Груевски по неговата изјава дека веќе нема место за него во Унгарија.
Прво сценарио – ако Груевски има унгарско државјанство
Уште во 2019 година унгарските медиуми пишуваа дека Груевски се стекнал со право на глас на локалните избори во Унгарија, па стана веќе беспредметно да се коментира дали Унгарија ќе му го одземе политичкиот азил ако Груевски е веќе унгарски државјанин. „Слободен печат“ се обрати до унгарските Министерства за надворешни и внатрешни работи со прашање дали поранешниот македонски премиер има унгарско државјанство, но одговор не добивме.
Мицкоски: Ако Груевски се појави во Македонија, ќе оди во затвор
Во голем број држави, меѓу кои и Унгарија, постои јасна уставна и законска рамка што забранува екстрадиција на сопствени државјани. Тоа значи дека дури и ако се исполнети сите други услови – постои пресуда, постои барање – државата едноставно може да каже „не“.
– Во таков случај, наместо екстрадиција, постои можност за т.н. принцип „екстрадирај или гони“ (aut dedere aut judicare), односно државата да поведе постапка против својот државјанин врз основа на странската пресуда или доставените докази. Сепак, ова во практика ретко се применува, особено кога станува збор за веќе завршена постапка во друга држава – анализира за „Слободен печат“ директорот на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски.

Второ сценарио – суспензија на државјанство
Како брз механизам за екстрадиција на Груевски се споменува законска измена на Уставот која унгарскиот парламент ја изгласал во 2025 година, со којашто се предвидува „суспензија на државјанството“ односно одземање на државјанството по процена на унгарското Министерство за правда.
Ако лицето има и друго државјанство (освен унгарското), а властите проценат дека неговите активности го загрозуваат јавниот ред или националната безбедност, државјанството може да биде привремено суспендирано до 10 години и тогаш лицето ги губи сите политички права, меѓу кои и правото на глас, но и правото на заштита од депортација. Според овој Закон, државјанството се одзема ако лицето претставува директна закана за јавниот ред, безбедноста или националниот суверенитет на Унгарија, делува во интерес на странска сила или организација, ако е осудено за тешки кривични дела, тероризам, велепредавство, организиран криминал.
Мицкоски: Ако Груевски се појави во Македонија, ќе оди во затвор
Иако ова може да се толкува како можност за враќање на Груевски, сепак Аврамовски вели дека овие механизми во практика ретко се применуваат.
– Дополнително, во унгарскиот правен систем во последните години се отвораше и прашањето за суспендирање или одземање на државјанството на натурализирани државјани во ограничени случаи. Сепак, ваквите механизми се исклучително чувствителни од аспект на човековите права и во практика ретко се применуваат. Од друга страна, хипотетички и да се отвори такво прашање, тоа би претставувало посебна постапка, со сопствени правни гаранции и можности за судска заштита, што дополнително би го пролонгирало процесот. Оттука, доколку навистина постои унгарско државјанство, шансите за екстрадиција дополнително се намалуваат, а фокусот се префрла на други правни механизми, кои во практика се значително поретки и посложени – вели Аврамовски.
Трето сценарио – политички азил и екстрадиција
Она што официјално е потврдено е дека Груевски има политички азил во Унгарија и веќе осум години е таму, има фирма во Будимпешта и е на црната листа во Вашингтон.
И да се утврди дека Груевски нема унгарско државјанство, процедурата за укинување на азилот е сложена, а тој тешко може да го изгуби бегалскиот статус. Како што објаснува Аврамовски, унгарските власти би требало да утврдат дали и понатаму постојат околностите врз чија основа бил доделен азил, односно дали сè уште постои основан страв од политички прогон.
Ова се прави во посебна административна постапка, во која лицето има право да учествува, да предлага докази, како и да користи правни средства, вклучително и судско оспорување на евентуалната одлука за одземање на азилот.
Дури и да му се укине азилот, тоа не значи автоматска екстрадиција, со оглед на тоа што тоа е посебна постапка, во која судовите ќе оценуваат дали се исполнети законските услови, особено од аспект на заштитата на човековите права, вклучително и правото на фер и правично судење.
– Во практиката постојат повеќе случаи каде што не е одобрен азил, но истовремено е одбиено и барањето за екстрадиција, токму поради сомнежи дека лицето нема да добие фер судска постапка. Ова директно се поврзува со состојбата на владеење на правото во земјата. Кога постојат перцепции или наоди за недостатоци во независноста на судството, квалитетот на постапките или селективноста во гонењето, тоа може да влијае врз одлуките на странските судови во екстрадициски постапки. Со други зборови, овие постапки не се водат само формално, туку суштински ја оценуваат способноста на државата да обезбеди фер судење. Конечно, и во постапката за одземање азил и во постапката за екстрадиција, лицето има право на судска заштита, што значи дека процесот може да трае подолг временски период. Станува збор за комплексни постапки што зависат од повеќе правни и фактички околности, при што клучна улога има оценката на странските судови за состојбата со владеењето на правото во земјава – објаснува Аврамовски за „Слободен печат“.
Пресуди и судења
За бегалецот има правосилна пресуда од девет години затвор за случајот „Плацеви на Водно“, која му беше изречена во отсуство. Оваа затворска казна му застарува дури во 2043 година, а може да бара повторување на постапката. Дополнително има година и половина затвор пресудени во предметот „Шамари во Центар“, која застарува во 2027 година.
Во меѓувреме, дел од најголемите предмети против него веќе застареа по измените на Кривичниот законик, меѓу кои „ТНТ“ за уривањето на „Космос“, „Траекторија“ и „Тенк“ за набавката на „мерцедесот“. Останува обвинет во предметите „Талир“ и „Титаник“, а му виси и обвинение за упадот во Собранието од 2017 година. Во 2022 година Министерство за финансии на САД го стави Груевски на црната листа поради, како што беше наведено, вмешаност во значителна корупција.


