Полицискиот центар „Ѓорче Петров” реновиран со американска донација

Со американска донација од 475.000 долари реновирани просториите во Полицискиот центар „Ѓорче Петров"/Фото: МИА

Со американска донација од 475.000 долари реновиран е објектот во Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, кој е оперативен штаб на Единицата за брзо распоредување. Донирано е и едно санитетско возило за потребите на оваа Единица.

На пригодната церемонија по повод пуштањето во употреба на реновираниот објект на која присуствуваше и американската амбасадорка во нашата држава Кејт Мари Брнз, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски истакна дека станува збор за уште важна донација од Европската команда на Армијата на САД реализирана преку ИЦИТАБ Програмата – Меѓународната програма за поддршка во обука во доменот на кривичните истраги при американската Администрација. а добиена преку Амбасадата на САД.

– Ова донација е вредна околу 475 000 американски долари со која специјалните полициски единици во Полицискиот центар „Ѓорче Петров” добија реновиран модерен објект за сместување на полициски службеници во нашата држава, но и од целиот регион, кои што учествуваат во обуки и вежби за организирана обука против недозволена трговија со наркотици. Со овој проект Полицискиот центар „Ѓорче Петров”, кој е оперативен штаб на Единицата за брзо распоредување ќе има дополнителен инпут и во зголемување на полициската интероперабилност во регионот, бидејќи овие полицајци од повеќе земји и Албанија, Србија, Хрватска, Косово, БиХ, Бугарија, Грција, работат заедно во борбата за сузбивање на меѓународни криминални групи, кои што се занимаваат со трговија со наркотици што несомнено ги преминува границите на една земја и влијае не само на една држава туку на целиот регион, рече Спасовски.

Тој изрази благодарност до ИЦИТАБ програмата кои како наш партнер и силен поддржувач ја препознаа  стратешка определба на МВР за имплементирање на сите стандарди за модерното полициско работење и несебично инвестирање во полициското функционирање и капацитетите на Министерството преку бројни донации од разновидна техничка опрема и стручна професионална едукација на повеќе единци на МВР. Со одделот за специјални полициски операции во рамки на повеќегодишната соработка, додаде тој,  досега се завршени неколку успешни проекти, а најави и нов проект за обука на специјалните единици за најтешките и најсложени мисии.

Амбасадорката Брнз истакна дека САД се горди што можат да му помогнат на МВР за целосна подготвеност на специјалната полиција за најтешките задачи. Со овој објект за обука ќе се помогне обуката на припадниците на полицијата во земјава, како и соработката со земјите партнери од регионот.

Вашата антитерористичка единица, додаде таа, ја помина интензивната и ригорозна специјална обука заедно со припадниците на специјалните сили на САД, подготвувајќи се за операции во урбана средина. Ја препознаваме важната и опасна работа што полицијата ја врши и затоа, нагласи Брнз, им должиме да ги обезбедиме со најдобра обука и заштита при извршување на нивните должности.

– Северна Македонија продолжува да биде модел на стабилност и владеење на правото низ целиот Западен Балкан. Овој објект ќе овозможи да се зајакне таа посветеност кон владеење на правото и да постави стандарди за извонредност низ целиот регион и за сите полициски сили кои ќе дојдат на обука во него. Идентификацијата и справувањето со транснационалните закани од трговијата со дрога и тероризам бараат заеднички напори и немам сомневање дека заедно ќе можеме да продолжиме со промоцијата на безбедноста и стабилноста и на просперитетот во целиот регион, рече Брнз.

Објектот на Полицискиот центар „Ѓорче Петров” располага со два ката што ќе ги користат припадниците на МВР, со по девет простории со различен капацитет за сместување, како и чајна кујна со простор за слободни активности, согласно најсовремените стандарди за сместување. Опремувањето на просторот ќе биде реализирано од страна на МВР како дел од континуираните активности за подобрување на условите за работа на македонската полиција.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот