Полицијата тренираше строгост со новинарка

Соња Колевска-Делевска
Соња Колевска-Делевска / Фото: Сакамдакажам.мк / Ѓ. Личовски

МВР и Министерство за правда ќе го испитуваaт повикувањето на новинарката Соња Колевска Делевска од порталот сдк.мк на разговор во полициска станица, откако прифатиле да постапат по поплака за новинарски текст

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) и Дисциплинската комисија на Министерство за правда ќе го испитуваaт повикувањето на новинарката Соња Колевска Делевска од порталот Сдк.мк на разговор во полициска станица.

Поканата за службен разговор во полициската станица „Центар“ во Скопје, ѝ ја доставиле вооружени полицајци на домашна адреса, а била во врска со објавениот текст „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“, објавен на 27 април годинава. Поплаката против новинарката била од неименувано лице. Пријавителката, која според МВР е од Министерството за правда, инсистирала Делевска да биде повикана во полиција.

МВР „морало да постапи“

Според МВР, во полициската станица прифатиле да постапат по поплаката оти „морале да постапат по секоја пријава од граѓанин“, иако на пријавителката ѝ било укажано оти тоа што таа го бара од полицијата е граѓанска постапка.

Во новинарскиот напис, идентитетот на функционерката од Министерството за правда не е посочен. Според пријавата против Делевска, мистериозната државна службеничка почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот по објавениот текст. „Слободен печат“ побара, но не доби коментар од Министерството за правда за случајот.

МВР соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди го испитува постапувањето на полициските службеници во врска со поплаката од едно лице против новинарката Соња Колевска Делевска.

„Потенцираме дека нема никаков поднесок против новинарката од страна на МВР, ниту пак таков поднесок ќе има. МВР во изминативе години гради партнерски однос и со новинарите и со новинарските здруженија и комплетно сме посветени на постојано унапредување на соработката, што е постојано потенцирано и од новинарите и од релевантните организации. Комплетно ја поддржуваме слободата на говорот и таквата пракса продолжува и во иднина“ велат од МВР.

Министерството за правда соопшти дека е формирана дисциплинска комисија која целосно ќе го испита случајот во врска со повикувањето во полициска станица на новинарката Соња Колевска Делевска за објавен текст.

„Министерството за правда ќе ја преипита постапката на раководителката и ќе преземе сè што е во рамките на надлежностите и ингеренциите, а во најкус можен рок и ќе се произјасни. Министерството за правда ќе направи сè за да ги заштити слободата на изразување и на говор кои се неприкосновени права во секое демократско општество,“ соопшти Министерството за правда.

ЗНМ: Вакви постапки водат кон цензура 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја осудува постапката на службеници од Министерството за внатрешни работи кон колешката Соња Колевска-Делевска која беше повикана на службен разговор во полициската станица Центар. ЗНМ предупредува дека повикувањето на новинари и медиумски работници на службен разговор во полиција поради објавен текст води кон цензура и самоцензура кај новинарите.

– Случајот со повикувањето на новинарката Делевска во МВР на службен разговор во полициската станица Центар поради објавен текст, оди на релација кои што ние постојано го зборуваме, а тоа е двата клучни елементи – ние за да имаме здраво новинарство, во рамки на демократско општество, како што се декларираме – еден аспект е социоекономската сигурност, вториот би бил отсуството на цензура и самоцензура. Случајот со колешката Делевска оди на конто на тоа дека имаме уште еден несакан обид за заплашување и загрозување на работата – изјави за „Утрински брифинг“ Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Беловски не сака да верува дека одново имаме полициска држава.

– Не сакам да верувам дека имаме механизми кои во едно време властите се пресметуваа со нашата професија. Има големи пропусти и од тоа не можеме да отстапиме. Одново се покажа фрагилноста на МВР – вели Беловски.

Според Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, ако е ова инцидент, МВР ќе може реално и брзо да ја увиде грешката и да преземе санкции за тој што направил грешка.

– Алармот треба да биде вклучен, треба да бидеме уште побудни во следењето на овие нешта и на начинот на кој што институциите го практикуваат владеењето на правото. Ова не смееше да се случи. Сега очекуваме санкција – вели Чадиковски за „Утрински брифинг“.

Тој додаде дека пријавата од раководителката против новинарката Делевска може да се третира како еклатантен пример за лажна пријава против граѓанин и ЗНМ и понуди правна помош на колешката за процесуирање на овој случај.

– Ова е обид за замолчување и заплашување на новинарите – додаде Беловски.

И Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осуди притисокот врз новинарката Делевска.

„Повикувањето новинар на разговор во полициска станица од вооружени полицајци, а за прашање кое не е кривично дело, туку се процесира во граѓанска постапка за евентуално утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета, се коси со уставните начела што го гарантираат слободниот пристап до информациите, слободата на примање и пренесување на информации. Проблематично е тоа што полицијата потклекнала пред барањето на пријавителката“, сметаат од Хелсиншкиот комитет.

ВИДЕО | ЗНМ и ССНМ: Пријавата од раководителката против новинарката Делевска е лажна пријава и обид за замолчување и заплашување

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот