Излезе шокантна белешка: Обвинителката детално опишува како полицијата ѝ забранила увид во „Ќациленд“
Обвинителка обвинува дека, иако побарала полицијата да ја одведе на увид и инсистирала дека законот бара веднаш да се излезе на самото место, началниците ѝ го забраниле тоа со образложение дека поради протестите е небезбедно да се обезбеди теренот кај „Ќациленд“, при што, и покрај нејзините барања да се повика Жандармеријата и забелешките дека таму можеби се наоѓаат сторители или други луѓе од интерес, ѝ останало единствено да ја напушти станицата.
Српскиот весник „Данас“ дошол до службена белешка во која обвинителката од Првото основно јавно обвинителство, Гордана Недиќ Исаиловиќ, опишува на кој начин ѝ било оневозможено да изврши увид во таканаречениот „Ќациленд“.
Препорачано
„Данас“ ја добил белешката од извор во Секторот за внатрешна контрола на МВР, каде што документот бил испратен со напомена „да се постапи по него итно“.
Во белешката обвинителката детално го опишува настанот од 5 ноември и начинот на кој полициските службеници од Полициската станица Стари град не ѝ овозможиле да спроведе увид во „Ќациленд“.
Според белешката, тој ден таа била дежурен обвинител кога полицајци од Стари град ја известиле дека личност пријавила оти во „Ќациленд“ четворица до петмина маскирани мажи, со лица покриени со капи, ѝ одзеле телефонот.
Во белешката се наведува дека полицајците, опишувајќи го настанот, ѝ рекле дека мора да се преземат доказни дејствија за да се утврди идентитетот на сторителите.
„Сметав дека е неопходно веднаш да се излезе на самото место и да се изврши увид како итна и неодложна доказна работа, зашто три до пет машки лица насилно одзеле мобилен телефон, поради што наводите на оштетената упатуваат дека во нивните дејствија можат да се препознаат елементи на кривично дело разбојништво од член 206 од КЗ на Србија,” пишува обвинителката.
Началникот ѝ рекол дека не е безбедно да врши увид
Понатаму таа наведува дека им наредила на полицајците да дојдат по неа со службено возило за да може да присуствува на увидот, што тие и го направиле, но веднаш потоа ѝ се јавил началникот на крим-техника во Стари град, предупредувајќи ја дека е небезбедно да се врши увид во тој дел од градот.
„Кога пристигнав во полициската станица, влегов во кабинетот на началникот на криминалистичка техника, кој ми соопшти дека нема да можеме да извршиме увид, зашто местото е небезбедно поради протестите кои во тој момент се одвиваа. Потоа дојде и началникот на станицата и ми покажа снимки од својот мобилен телефон, пренос од протестите, покажувајќи дека во тој простор летаат камења и пиротехнички средства и дека полицајците на терен предупредиле дека нема услови да се обезбеди место за увид“, стои во белешката.
Обвинителката наведува дека и покрај предупредувањата продолжила да инсистира да ѝ се овозможи увид бидејќи тоа го бара законот и постоела можност на лице место да се затекнат сторителите или да се најде украдениот телефон.
„Началниците одбиваа под изговор дека е невозможно да се обезбеди тоа на самото место и дека увидната екипа не може со мене да оди на платото пред Собранието. Побарав да бидат повикани припадници на Жандармеријата, сметајќи дека тие би можеле да нѐ спроведат безбедно. Началниците ми објаснија дека тоа е невозможно бидејќи таа единица, како што рекоа, припаѓа на друга служба. Инсистирав дека е нужно да се излезе на самото место заради спроведување на обврските од ЗКП, но останаа на својот став,“ пишува во документот.
Понатаму пишува дека не можела да ја разбере индиферентноста на полицијата, особено зашто на тоа место можеле да се извршат и други дејствија, преглед на луѓе и на предмети, бидејќи таму, според нејзини неформални сознанија, „можеби се наоѓаат и лица од криминогена средина, лица по кои се трага или против кои има одлука за притвор, што би помогнало и за расветлување други кривични дела“.
„Во текот на разговорот, началникот го извести и јавниот обвинител за моето барање за увид. Главниот обвинител ми остави јас да одлучам и во соработка со полицијата да излезам на местото. Но, како што минуваше времето и откако началниците останаа на ставот дека нема да обезбедат увидна екипа, а според моја процена ниту самите не смеат да одат таму, бев принудена да ја напуштам станицата,“ пишува обвинителката.
На крајот од белешката се наведува дека документот му се доставува на Главниот обвинител за спојување со предметот или за формирање нов предмет, за да се оцени дали во постапувањето на полициските службеници има елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.
Министерот негира дека им било забрането на обвинители да влезат во „Ќациленд“
Со белешката до Секторот за внатрешна контрола бил испратен и итен допис, во кој детално се опишува како обвинителката била спречена да изврши увид и се бара да биде известена за сите преземени мерки, потсетувајќи дека увидот е доказна работа што мора да се спроведе веднаш заради обезбедување на самото место, пронаоѓање траги и идентификација на сторителите.
Во дописот се укажува и дека ваквото попречување бара сериозно преиспитување на постапувањето во идни слични ситуации бидејќи обвинителот раководи со предкривичната постапка, а полицијата е должна да постапува според законот.
Министерот за правда Ненад Вујиќ претходно изјави дека не би било прифатливо обвинител да не може да спроведе увид пред Собранието и нагласи дека досега не биле конкретизирани наводите дека токму на неа ѝ било забрането да влезе во „Ќациленд“.
Во болница е студентката која маж од „Ќациленд“ ја удри со тупаница по глава


