Полицијата откри детали за несреќата кај „Јосип Броз“, вчера и во Драчево бил прегазен човек
Полицијата соопшти детали за вчерашната несреќа во центарот на Скопје, кога пред гимназијата „Јосип Броз-Тито“ возач со автомобил прегази човек на пешачки премин, а на социјалните мрежи беше објавена снимка направена непосредно по несреќата.
Препорачано
Според МВР, 40-годишен возач со „Хјундаи“ удрил во 51-годишен човек, кој е тешко повреден.
„На 26.11.2025 во 17:20 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Димитрие Чупоски“ во Скопје, патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.М.(40) удрилo во пешакот О.Д.(51), двајцата од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. Извршен е увид од екипа од СВР Скопје“, велат од полицијата.
Во исто време, МВР информира за уште еден случај на прегазен пешак, во населбата Драчево. Таму жена-возач, која е полесно повредена, удрила со „Пежо“ во 59-годишен човек, кој завршил во болница со тешки повреди.
„На 26.11.2025 околу 17:40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул.„Славка Динкова“ во Скопје, патничко возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 51-годишната Б.П., удрило во пешакот А.Д.(59), двајцата од Скопје. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, додека со телесни повреди се здобила Б.П., констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, пишува во полицискиот билтен.
ВИДЕО: Повторно е прегазен човек на пешачкиот премин кај гимназијата „Јосип Броз“


