Полицаец и шумар „замижале“ и не спречиле пустошење на шуми
Кривични пријави се поднесени против двајца службеници од безбедносниот и шумарскиот сектор поради сомневања дека оддавале службени информации, не постапувале по законските обврски и дозволиле нелегална сеча на шуми во источниот дел на државата.
Препорачано
Станува збор за М.А. (42) од Струмица, вработен во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Сектор за шумска полиција, и В.П. (52) од Берово, вработен во МВР во Регионалниот центар за гранични работи Исток.
„М.А. (вработен во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Сектор за шумска полиција) и В.П. (вработен во МВР, РЦГР Исток) во својство на овластени службени лица ја злоупотребиле својата службена положба и овластување така што во текот на 2025 година постапувале спротивно на законските прописи опфатени во Законот за полиција и Законот за шуми и не превенирале при извршување на кривични дела меѓу кои и ‘пустошење на шуми’. М.А. и В.П. не ја извршувале својата службена должност и не постапувале по издадените наредби за вршење на дејност, при што на лица во својство на организатори на кривични дела им оддавале информации поврзани со движење на контролните патроли од МВР и Шумска полиција во пределот на Берово и Струмица. Исто така, не постапувале по однос на нелегалната сеча, иако претходно имале информации и биле запознаени со нелегалните активности и согласно своите овластувања и опис и попис на работни задачи биле должни да постапат, при што овозможиле други лица да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери“, соопштија од МВР.


