Поглед на најубавата манастирска библиотека во светот

Фото Фејсбук

Ако патувате во Австрија не пропуштајте да ја посетите една од најубавите библиотеки во светот, манастирската билблиотека Аби во шармантното мало гратче Адмонт.

Од најмалку две причини треба да се посети гратчето Адмонт во Австрија. Првата е неверојатната природа, а втората – библиотеката Аби, изградена во 1776 година, како дело на барокниот архитект Јозеф Хуебер, сместена во манастирот Адмонт. Самиот манастир е изграден во 1074 година, а библиотеката е додадена подоцна по нарачка на игуменот Матеус Офнер.

Библиотеката е спасена од големиот пожар што го зафатил манастирот во 1865 година, предизвикувајќи големи штети, кои денес се речиси целосно реставрирани.

Економската криза во 1930-те години го принудила игуменот да отуѓи добар дел од  уметничкото богатство. За време пак, на нацистичкиот период, манастирот бил окупиран, а потоа затворен, додека монасите биле протерани. Враќајќи се по војната, игуменот успеал да ја продолжи традицијата на зачувување на културното наследство. Во 1997 година ги собрал и изложил делата на современите австриски уметници. Во мај, 2003 година, нов музеј за современа уметност се отворил веднаш до големата библиотека.

Со импозантната градба во рококо стил, манастирската библиотека личи на катедрала: со седум елегантни куполи украсени со фрески што ја слават науката и религијата, а околу нив се репродуцирани сцените од „Последниот суд“. Просторот особено ја нагласува скулптурата на „Четирите последни работи“ на Јозеф Стамел, која живописно ги претставува смртта, рајот, пеколот и последнниот суд.

Фото Фејсбук

Библиотеката е поделена на три дела, долга е 79 метри, широка 14 метри и висока 11 метри. Ѕидовите се покриени со книги и збогатени се со бисти на уметници, писатели, научници и евангелисти, кои се дел од ова величествено, раскошно место на културата.

Од вкупно 200.000 книги што се чуваат во манастирот, 70.000 се изложени во библиотеката, од кои 1.400 се ракописи со висока вредност (датираат од 8. век) и 530 се инкунабули (книги од времето на пронаоѓањето на печатарската вештина до почетокот на 16. век).

Денес манастирот Адмонт, каде живеат 27 монаси, е центар на верата и културата од меѓународно значење.

Фото Фејсбук

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот