Подготвени дочекајте ја зимата – Шипката важи за ризница на витамин Ц

Фото: Профимедиа

Овој плод успешно се бори против настинката и грипот, многу помага во зајакнувањето на имунитетот и штити од инфекции

Шипката е растение што уште од многу одамна на овие простори е познато по своето моќно лековито и антибактериско дејство. Од плодот на шипката се подготвува мармалад, слатко, сок, ликер, сируп и најпознатиот и најчесто применуван напиток – чајот од шипка.

Независно дали јадете храна подготвена од шипка или пиете напиток од овој плод, така самите си помагате во зајакнување на имунитетот.

Киселкав вкус

Шипката е позната по тоа што во својот состав содржи поголеми количини витамин Ц. Токму затоа чајот од шипка е задолжителен напиток кога се чувствувате малаксано, кога немате доволно енергија или кога имате настинка или грип.

Пријатниот и киселкав вкус со кој се карактеризира овој напиток, во својот состав содржи и витамин Е, танин, овошна киселина, флавоноиди, витамин К и многу други здрави компоненти.

Нутритивни вредности

Фото: Профимедиа

Она што е важно да се потенцира е дека витаминот Ц при варењето на чајот од шипинки воопшто не се губи како што е случај кога се загреваат други плодови во чиј состав се наоѓа овој витамин.

Треба да се нагласи и хранливата вредност што ја имаат семките во плодот. Во нив се концентрирани големи количества витамини, минерали и овошна киселина.

Што се однесува на нутритивните вредности на чајот од шипка (сувите плодови), количината на белковини и масти е мала, за разлика од тоа кога билката е во свежа состојба. Сепак, сувиот плод од шипка содржи јаглени хидрати, а сахароза има во мали количини.

Досега не е познато дека чајот од шипинки некому му предизвикал алергиски реакции, а според нутриционистите, тоа се должи на фактот што овој плод не содржи отрови во себе.

Нуспојави поврзани со консумирањето на овој напиток можат да се забележат единствено доколку претерате со негов внес.

Напиток што треба да го пијат жените што дојат

Фото: Профимедиа

Поради изобилството на витамини овој чај е добар за возрасните, но и за децата, бидејќи со негово редовно пиење може да се подобри целокупното здравје, но и да се превенира појава на одредени посериозни заболувања.

Чајот од шипка има моќ да ја регенерира слузокожата на органите за варење и помага да се спречи дијареја. Кога сте настинати, помага во намалувањето на болката во грлото и ја спречува појавата на сува кашлица.

Младите мајки што дојат, исто така дневно треба да пијат најмалку 200 милилитри од овој напиток, бидејќи сите витамини преку мајчиното млеко ќе стигнат до бебето.

Овошната киселина што се наоѓа во шипката помага во исфрлањето на вишокот течности од организмот (со тоа спречува задржување на водата во телото), па поради тоа е добар во борбата против инфекциите и воспаленијата.

Чајот од шипка се препорачува да го пијат и сите што имаат какви било здравствени проблеми поврзани со бубрезите. Според искуствата на многумина, токму пиењето на овој чај им помогнал да ги исфрлат камчињата и песокот што им биле наталожени во бубрезите.

Познато е и дека помагаа во лекувањето гастритис, ги намалува болките и чувството на нелагодност во желудникот, ја ублажува реумата и има смирувачко дејство врз нервите. Воедно, успешно ја прочистува крвта од сите наталожени маснотии и помага во намалувањето на слабокрвноста.

Фото: Профимедиа

Поради ниското ниво на шеќер е погоден и за дијабетичарите.

Бидејќи важи за одличен отстранувач на наталожените отрови во телото, препорачливо е да се пие во периодот кога воздухот е загаден (во доцна есен, зиме и во рана пролет) и на тој начин да помогне вдишаните отрови да направат минимална штета врз организмот.

Чајот од шипинки има моќ да ја регенерира и да ја подмладува кожата, го забрзува метаболизмот, го намалува апетитот, го забрзува слабеењето и ги регулира хормоните во организмот.

Подготовка (сушење) шипка за домашен чај

Фото: Профимедиа

Плодовите од шипка треба да се берат кога сѐ уште се тврди, имаат сјајна лушпа и интензивна црвена боја. Избегнувајте потемни и меки плодови, бидејќи тие веќе почнале да ги губат своите лековити својства.

Откако веќе сте ги набрале квалитетните зрна, плодовите сушете ги цели или евентуално пресечени на половина.

Доколку се одлучите на втората варијанта, треба да внимавате во секој плод да ги задржите семките, бидејќи и тие се лековити.

Откако ќе го исушите чајот (плодовите од шипка), чувајте ги на темно, суво и ладно место, складирани во вреќичка од природни материјали (најдобро е памучни). Во спротивно, ако чајот го чувате во најлон или во картон, плодовите од шипка можат да ја изгубат својата ефикасност.

Набраниот чај е најдобро да се користи една година, односно сѐ до моментот кога ќе имате можност да наберете нови, свежи плодови од шипка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот