Аурора Бореалис над Гдиња, Полска/Фото: EPA-EFE/ANDRZEJ JACKOWSKI POLAND OUT

Почна најсилната соларна бура во последните 20 години: Дали ќе се види поларна светлина и кај нас?

Силна соларна активност што ја испушта Сонцето се движи кон Земјата. Бурата е ранг четири според скалата на сериозност, што ја класифицира како потенцијално опасна, па научниците предупредуваат на можни прекини во сателитската комуникација и навигациските системи. Добрата вест е дека оваа бура ќе предизвика појава на поларна светлина (aurora borealis) – но дали може да се види од Македонија?

За време на силни соларни бури, како оваа, аурорите обично се гледаат над северните делови на САД, Канада, Скандинавија и делови од северна Европа. Но, при екстремно силни бури, како што се случило на пример во октомври 2003 година или мај 2024 година, поларната светлина понекогаш може да се забележи и многу подалеку од вообичаените региони – дури и во јужни делови на Европа.

Следење од американската Национална метеоролошка служба

Центарот за предвидување на временски услови во вселената при Американската национална метеоролошка служба го следи овој настан. Соларната бура е рангирана високо – четири од максимални пет.

„Јака соларна зрачења со ранг S4 се во тек – ова е најголемата соларна бура забележана во последните 20 години. Последен пат имавме S4 ниво во октомври 2003 година. Потенцијалните ефекти се најмногу ограничени на вселенските лансирања, авијацијата и сателитските операции“, се наведува во соопштението на Центарот.

Соларните бури од октомври 2003 година доведоа до падање на струјата во Шведска и оштетување на трансформатори во Јужна Африка, потсетуваат од Центарот.

Ризик за астронаутите и сателитите

Кога соларните бури стигнуваат до Земјата, тие можат да предизвикаат зголемен ризик од зрачење за астронаутите во ниската Земјина орбита, како оние на Меѓународната вселенска станица, и за патниците на авиони кои летаат по поларни рути.

За време на периоди со зголемен ризик, астронаутите се преместуваат во делови од станицата кои се подобро заштитени, како што беше случај и со претходните соларни бури, вклучувајќи ја екстремната геомагнетна бура од мај 2024 година.

Зголеменото зрачење претставува ризик и за сателитите, кои се клучни за комуникација и навигација. За време на соларната бура во мај 2024 година, компанијата John Deere пријави нарушувања кај корисниците кои се ослонуваат на GPS за прецизна земјоделска работа. Сепак, операторите на електроенергетските мрежи и службите за управување со сателити успеале да обезбедат нормално функционирање на системите, и покрај интензивните геомагнетни струи.

„Иако службите за управување со сателити веројатно ќе мора да преземат мерки за време на бурата, не се очекуваат проблеми што би влијаеле на пошироката популација“, вели Рајан Френч, соларен физичар од Лабораторијата за атмосфера и вселена при Универзитетот Колорадо во Боулдер.

Исклучително силна геомагнетна бура

Геомагнетната бура стигна до Земјата во понеделник нешто по 19 часот по нашето време. Соларните бури се предизвикани од ослободување на интензивни, наелектризирани честички што се движат кон Земјата, додека побавните геомагнетни бури се резултат на експлозии на коронална маса или плазма и магнетни полиња од надворешната атмосфера на Сонцето.

Кога овие честички ќе дојдат до Земјиното магнетно поле, можат да предизвикаат големи пореметувања, што резултира со геомагнетни бури.

„Избивањето на коронална маса што започна во недела, предизвикано од соларна бакла од X-класа, најинтензивната од ваков тип, го означува првото големо соларно излевање годинава“, објаснува д-р Френч.

Што значи тоа за Македонија?

Нашата географска ширина е значително појужна од зоните каде аурорите се редовно видливи.

Најверојатно, со голо око нема да се види поларна светлина, освен ако бурата не е исклучително силна.

Сепак, камери и фотоапарати со долг експозиционен режим или мобилни телефони можат да уловат слаби сјајни светла на небото, особено на места далеку од светлосно загадување.

Совети за набљудување

Најдете темно место со отворен поглед кон север, далеку од градските светла.

Користете камера или мобилен телефон за да го фатите феноменот, бидејќи сензорите може да видат повеќе од вашето око.

Пратете ги информациите за моменталната геомагнетна активност (Kp индекс) – ако Kp индексот е 8 или повеќе, шансите за слаба видливост кај нас се зголемуваат.

Д-р Рајан Френч, соларен физичар, објаснува: „Аурората има кратки 20-минутни налети, наречени суб-бури. За време на овие налети, поларната светлина е видлива и многу подалеку од нормалното, па ако сте трпеливи, можеби ќе имате среќа.“

Веројатноста да се види силна северна светлина во Македонија е мала, но со добра подготовка, темно место и камера, може да се улови слаба, но величествена аурора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот