Мет Квасњевски-Келвин - Фото: Икс

Почина основачот и гитарист на познат британски рок-бенд: Неговиот татко упати силна порака

Британската музичка ѕвезда Мет Квасњевски-Келвин, основач и гитарист на рок бендот „Black Midi“, почина на 26-годишна возраст. Мет ја загуби битката со болеста, откако долг период имаше проблеми со менталното здравје.

Тажната вест ја потврди неговиот татко Тони преку емотивна изјава објавена на инстаграм-профилот на нивната издавачка куќа „Rough Trade Records“.

„Со длабока тага, како семејство ве известуваме дека Мет Квасњевски-Келвин почина по долга борба со менталното здравје. Тој беше исклучително талентиран музичар, но пред сè добар, нежен и сакан човек. И покрај сите напори, не успеа да се избори. Мет имаше 26 години. Тој засекогаш ќе биде сакан. Ве молам, одвојте момент да им се јавите на вашите најблиски, за да спречиме вакви трагедии да им се случуваат на нашите млади луѓе“, се наведува во соопштението.

Со соопштение се огласи и издавачката куќа „Rough Trade Records“, која изрази најдлабоко сочувство до семејството Квасњевски-Келвин.

„„Rough Trade Records“ изразува најискрено сочувство до семејството Квасњевски-Келвин поради трагичната смрт на основачот и гитарист на ’Black Midi‘, нашиот Мет, неверојатно талентирана личност која неизмерно ќе ни недостига“, соопштија од издавачката куќа.

Од таму дополнително ги охрабрија сите кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје да им се обратат на своите најблиски или на организации кои нудат помош и поддршка, нагласувајќи дека разговорот е можен во секое време.

Мет  учествуваше на дебитантскиот албум на „Black Midi“ од 2019 година, „Schlagenheim“, кој истата година беше во потесен избор за престижната награда Меркјури.

Во 2021 година, тој објави дека го напушта бендот поради проблеми со менталното здравје.

„Направив пауза и се повлеков од бендот бидејќи ментално не сум добро“, напиша тогаш на Фејсбук страницата на бендот во јануари 2021 година.

Во тој период, бендот објави дека целосно го поддржува својот пријател во процесот на закрепнување и изрази надеж дека повторно ќе свират заедно.

Бендот „Black Midi“ е основан во Лондон во 2017 година и има објавено три албуми: „Schlagenheim“ (2019), „Cavalcade“ (2021) и „Hellfire“ (2022).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот