По повеќегодишна обнова, Лувр изложи нови ремек-дела и ја отвори Галеријата на петте континенти
Музејот Лувр ги претстави обновените простори посветени на италијанските и шпанските слики од 17 и 18 век, како и новата Галерија на петте континенти (Galerie des Cinq Continents).
Препорачано
Галеријата е осмислена со цел да поттикне дијалог меѓу културите, а во неа се изложени повеќе од 200 скулптури од Африка, Северна Америка, Азија, Европа и Австралија.
Делата потекнуваат од фондот на музејот, но и од збирките на музејот Кваи Бранли – Жак Ширак (Quai Branly – Jacques Chirac) и Музејот на азиска уметност Гимет (Guimet), а поставени се во простор што се реновираше неколку години.
Во обновените сали изложени се и шпански дела, меѓу кои и работи на барокниот сликар Бартоломео Естебан Муриљо. Меѓу поставките кои создаваат своевиден културен дијалог се наоѓа и скулптура на глава Моаи од Велигденскиот Остров, поставена спроти фараонскиот саркофаг од древен Египет.
Лувр во последните години работеше на обновување на своите галерии. Држававната сала (Salle des États), каде што се наоѓа Мона Лиза, беше обновена во 2019 година за подобрување на условите за разгледување. Галеријата Аполо (Galerie d’Apollon) беше повторно отворена во 2020 година со нова поставка на француските скапоцености, а галериите на етрурските и римските антички артефакти беа завршени во 2021 година.
„Реставрацијата значи отстранување на сите слики, нивно испраќање во магацин, преглед, бришење прашина, изведување помали реставраторски зафати, донесување подлабоки и поважни реставраторски одлуки што сме ги започнале или за кои сме имале време. Тоа значи и проверка на целата техничка опрема, безбедноста, осветлувањето, начинот на закачување и повторното бојадисување на ѕидовите, како и избор на соодветна боја“, наведе кустоската на Лувр, Шарлот Шастел Русо.
Потсетуваме, музејот истовремено се соочува со критики поради безбедносни пропусти по кражбата на накит, во која беа украдени скапоцености од времето на Наполеон, по што дел од просториите беа привремено затворени.


