26 C
Скопје

По одлуката на Владата за електронски учебници, родителите реагираат: Наместо бесплатни книги, сега ќе даваме пари за принтани

Владата на последната седница ги усвои измените во Законот за учебници предложени од МОН според кои учениците до трето одделение ќе учат од печатени учебници, додека до деветто одделение и во средните училишта ќе се учи само од учебници во електронска форма.

Ваквата информација ја разбранува јавноста. Родителите се револтирани бидејќи сметаат дека ќе имаат дополнителни трошоци со тоа што ќе треба да ги принтаат учебниците, а и не се задоволни што нивните деца ќе треба поголемиот дел од времето да го помунваат пред електронски уред, наместо со книга в раце. 

– Какви, такви учебниците вршеа работа. Моите деца не можат постојано да седат пред компјутер, ја губат концентрацијата. Ова е катастрофална одлука. Ако досега учебниците ни беа бесплатни, сега ќе треба да ги принтаме и со тоа да имаме дополнителни трошоци. Ова особено за помалите деца, бидејќи пишуваат во учебниците, решаваат задачи. Ќе биде интересно кога од септември наставниците ќе ни побараат да ги имаме учебниците во печатена форма – вели Сања Алексова, мајка на две деца.

Со неа се согласува уште еден родител, кој побара да се разгледа опцијата да бидат достапни и двете можности – електронски и печатени учебници, а не само во онлајн форма.

– Ако опцијата е печатени и електронски учебници, тогаш ќе биде во ред, но само печатени не доаѓа предвид. Тоа е сериозен проблем за помалите ученици – смета овој револтиран родител на четвртоодделенец.

Наставниците кои ги контактиравме се поделени по однос на ова прашање.

– Со оглед на онлајн наставата и фактот дека 90 отсто од учениците во цела држава веќе успешно се навикнаа на наставата на далечина, мое мислење е дека нема да има никаков проблем учениците да се прилагодат и на електронските учебници – вели за „Слободен печат“ наставничката по македонски јазик Билјана С.Дивјаковска.

Дивјаковска моментално работи со шестоодделенци и од своето досегашно искуство вели оти овие учебници дури ќе им помогнат на учениците, бидејќи досега учеле од искинати и стари книги.

– Оние учебници кои ги добиваа досега, посебно учениците над шесто одделение ги пренесуваат од генерација на генерација, па некои се недоволно сочувани и мислам дека ова е многу полесна варијанта. На овој начин во секој момент ќе го имаат учебникот пред себе, а ако има потреба секогаш постои можноста да ископираат, но сметам дека вака е полесно за сите – додава Дивјаковска.

Од друга страна, наставничка која работи и со ученици од четврто одделение од штипското основно училиште „Ванчо Прке“, смета дека електронскиот учебник не може да ја замени хартијата.

– Можеби е до мене бидејќи сум повозрасна, меѓутоа моите ученици од мали се навикнати на хартиени материјали, не можеме туку така одеднаш да менуваме се во дигитална форма. Онлајн наставата и натаму е тежок предизвик, а да не зборуваме пак за тоа сите учебници да ни се достапни само електронски – вели оваа наставничка од штипското основно училиште за „Слободен печат“, која побара да остане анонимна.

 

 

Поврзани вести

Русија ја регистрираше еднокомпонентната вакцина Спутник лајт

МИА Агенција

Шилегов: Градските пари не се прелеваат на сметката на „Армор плус” за противпожарната скала, нема конфликт на интереси

Слободен печат

Кацарска за СП: Без рационален пристап Македонија и Бугарија нема да најдат решение

Синдикатот на полицијата во Македонија в сабота на протест

Слободен печат

Во штипското училиште „Гоце Делчев” се инвестираат речиси 20 милиони денари

Слободен печат

ВИДЕО | Заев: Ако може ЕУ да води кампања од јавен интерес, зошто да не може државата

Остави Коментар