Пелони: Го земаме предвид заморот на граѓаните од рестрикциите, бараме алатки за олеснување на ситуацијата

Грчката Влада бала алатки кои ќе го намалат заморот на општеството поради континуираниот карантин, а во исто време ќе помогнат подобро да се почитуваат мерките, но без да има отежнување на епидемиолошката состојба во земјата.

Владината портпаролката Аристотелиа Пелони на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека сериозно го земаат предвид заморот во општеството и се бараат „вентили за олеснување на ситуацијата”, јави дописничката на МИА од Атина.

-Епидемиолошката состојба во земјата, а особено во Атика, но не само таму, и понатаму е влошена и здравствениот систем продолжува да е под голем притисок. Сите податоци утре ќе ги разгледа Комисијата на епидемиолози, која ќе ги достави препораките, а Владата ќе донесе одлуки за следните чекори. Целта, како што вчера истакна премиерот во интервјуто за Си-Ен-Ен е да видиме како, паметно, од една страна ќе дозволиме повеќе активности, без од друга страна да правиме компромиси во нашата основна стратегија за запирање на пандемијата, рече Пелони.

Објасни дека не станува збор за отворање,туку за „алатки за подобро почитување на мерките, алатки кои истовремено ќе понудат вентили за намалување на притисокот на изморените граѓани од рестриктивните мери”.

Во однос на здравствениот систем рече дека се зајакнува со кревети од приватните клиники, но и со претворање на болници исклучиво за ковид случаи.

Паралелно истакна дека „кога сме во војна сите се борат” и додаде дека очекуваат доброволна помош од приватните лекари, до кои вчера министерот за здравство упати апел да помогнат и им даде рок од 48 часа.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е од 11 февруари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот