Пелистер со победа сака да го заврши настапот во ФИБА Европа купот
Кошаркарите на Пелистер денеска од 19.00 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола ја завршуваат премиерната сезона во ФИБА натпреварувањата, како домаќини на кипарскиот претставник Керавнос.
Препорачано
Првиот дуел меѓу овие два тима во ФИБА Европа купот заврши со триумф на Керавнос од 99:86, благодарение на првата четвртина во која противникот постигна 39 поени. Сепак, таа лекција е научена, а „пелистерци“ се решени со далеку подобро издание во одбраната да стигнат до посакуваниот резултат.
Шансите за пласман во следната фаза се загубени, но сите во таборот на битолскиот клуб сакаат триумф за крај, со што би се освоило третото место во групата. Воедно, тој резултат би бил и „ветер во грб“ во пресрет на новите предизвици на македонската кошаркарска сцена:
– Играме меч што нема некоја посебна резултатска важност, но е многу значаен за нас, за кревање на формата и на самодовербата. Треба да излеземе на терен и да ја завршиме оваа европска сезона со победа, тоа е желба на сите во тимот и ќе сториме се за тоа да се случи. Мораме да бидеме фокусирани во текот на сите 40 минути, Керавнос на првиот меч покажа дека знае да го казни секое опуштање, но верувам дека таа лекција е научена, дека сите играчи ќе го дадат својот максимум и ќе се радуваме на крајот – изјави играчот на КК Пелистер, Андреј Митревски.
Македонскиот репрезентативец верува дека големата победа во Куманово ќе ја крене уште повеќе формата во таборот на „пелистерци“:
– Ни беше многу важно да славиме на еден таков меч и тој триумф во Куманово е исклучително значаен, покажавме дека знаеме и можеме да одиграме на високо ниво и во одбрана и во напад, на гостување против силен ривал. Доколку ја повториме играта од второто полувреме во Куманово, верувам дека ќе ја оствариме нашата втора европска победа сезонава – оптимист е Митревски во пресрет на вечерашниот дуел.


