Пчели нападнале семејство во охридско, пчеларот не внимавал и ќе плати 15.000 евра

Пчелар од Охрид е осуден да плати отштета од 15.000 евра поради тоа што предизвикал општа опасност кога неговите пчели нападнале семејство од Охрид во 2014 година, пишува СДК.мк.

Според пресудата која ја донесе охридскиот суд, пчеларот на тужителот треба да му исплати штета за претрпена физичка болка од 300.000 денари, за претрпен страв од 200.000 денари и за претрпена душевна болка од 100.000 денари, атреба да ги плати и трошоците на постапката од над 150.000 денари.

Според образложението, пчеларот од селото Долно Коњско е прогласен за виновен за кривично дело „предизвикување општа опасност“, бидејќи не ги затворил добро сандаците со пчели кои ги превезувал со возило и од нив излегле рој пчели и го нападнале оштетениот, кој бил со неговата сопруга и малолетно дете. Оштетениот со телото го заштитил малото бебе и со трчање се упатил кон неговиот дом. Додека бегал, пчелите го касале во пределот на вратот, главата и лицето, по што бил искасан и отечен. Тој бил примен во болница, а од претрпениот страв и ден-денес чувствувал страв од пчели. Судот смета дека од каснувањето на пчелите тужителот се здобил со алергиска реакција и доживеал страв како за себе така и за неговото дете и сопруга.

Здружението на пчелари од Охрид застана во одбрана на колегата, нарекувајќи ја пресудата „директен удар врз пчеларите“, пишува СДК.мк.

Настанот се случил во 2014 година, а пресудата е донесена по осум години години, што за пчеларите од Охрид е апсурдност, покрај, како што ја нарекуваат, смешната постапка.

„Со постапката докажаа дека сум осуден само поради тоа што сум поседувал возило со кое се транспортирани пчели, а ниту во еден случај при преселба пчелите не го напуштаат пчелното семејство. Ние како пчелари немаме влијание врз пчелите, но Судот го прифати целиот спор и потврди дека јас сум виновен“, вели осудениот пчелар, Лазе Грозданов.

Пчеларите од Охрид бараат Републичкиот судски совет и Министерството за правда да го преиспитаат конкретниот случај и да одговорат дали, како што велат, чувањето пчели преставува високоризична професија и „дали со оваа пресуда пчеларите се категоризирани во групата убијци“.

Видео на денот