Љубљана, Словенија / Фото: Pixaba / ivabalk

Парламентарни избори денеска во Словенија

Повеќе од 3.000 избирачки места низ Словенија се отворија утрово во 7 часот за гласање на парламентарните избори, пренесува Танјуг.

Гласачите ќе можат да гласаат до 19 часот, но дотогаш е на сила изборниот молк, јавува Радио-телевизија Словенија.

По затворањето на избирачките места, ќе се пребројат гласовите, а првите делумни резултати може да се очекуваат денес околу 20:30 часот, објави Државната изборна комисија (ДВК).

На десеттите парламентарни избори од осамостојувањето, се очекува исклучително тесна трка меѓу либералното движење на премиерот Роберт Голоб и партијата на поранешниот премиер Јанез Јанша. Кампањата, според оценките на аналитичарите, беше силно обликувана од меѓународниот контекст, што дополнително ја заостри поделбата меѓу двата политички блока.

Право на глас имаат 1.698.352 избирачи, а во трката за 90 пратенички места се натпреваруваат 1.185 кандидати, распоредени на 17 листи, од кои 15 се присутни во сите осум изборни единици. Првите неофицијални резултати се очекуваат доцна вечерва или во понеделник навечер.

Анкетите во последните денови покажуваат дека Словенечката демократска партија (СДС) на Јанша и Движењето за слобода на Голоб се практично изедначени. Аналитичарите наведуваат дека разликите се во рамки на статистичката грешка, а дека Голоб ја намалил предноста на противникот преку мерки насочени кон граѓанскиот стандард, меѓу кои се споменува и зголемување на пензиите, но и преку позиционирање во надворешната политика.

Во фокусот на изборната дебата се најде и односот кон глобалните кризи. Под водство на Голоб, Словенија се вбројува меѓу ретките земји на ЕУ што израелската воена кампања во Газа ја оцени како геноцид, став што предизвика силни реакции и ја подигна надворешнополитичката температура во кампањата.

Последните денови пред гласањето беа одбележани и со аферата „Црна коцка“, именувана по израелска разузнавачка компанија за која постојат сомнежи дека стои зад објавување видеоснимки од скриени камери на интернет, кои сугерираат корупција во рамки на власта. Јанша призна средба со еден од раководителите поврзани со случајот, но негираше вмешаност во објавувањето на снимките.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот