Паркинзи нема, пајаците „растураат“, општините само ветуваат решение
Дел од општинските администрации, на чело со нивните нови или старонови градоначалници постојано ветуваат дека ќе го средат паркинг-хаосот во скопските општини, особено во Карпош, Аеродром и Центар, каде што проблемот со паркирањето е најистакнат поради големиот број згради и станбени комплекси. Но, реализација на ветеното – нема
Скопјани од ден на ден сè повеќе „мачат маки“ да најдат паркинг за да одат на работа, на гости или на прослава, но ситуацијата станува сè посериозна земајќи предвид дека во дел од општините и населбите, жителите немаат паркинг-место ниту пред своите домови, згради или куќи, со што се принудени возилата да ги остават на места непредвидени за паркинг како улици, тротоари, островчиња и зелена површина, застанувајќи им на „пенал“ на двете Пајак-служби на Град Скопје и на Општина Центар.
Препорачано
Постојано е полно депото на „ПОЦ“
„Пајаците“ работат во полна пареа, исто како и минатата година, а од Општина Центар нè информираа дека наскоро ќе ја зголемат флотата и ќе купат уште едно специјализирано возило бидејќи, како што можеме да видиме од извештаите, работа има „колку сакаш“.
Во 2025 година, петте „пајак“ возила на ЈП „ПОЦ“ подигнале вкупно 6.100 непрописно паркирани возила, што значи дека едно специјализирано камионче месечно „лапнало“ нешто повеќе од 100 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар, кои се нашле во новото депо сместено под Железничката станица Скопје, во близина на мостот „Беласица“.
– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ во моментов располага со вкупно пет специјализирани возила „пајак“ за подигнување и отстранување непрописно паркирани возила. Во текот на 2025 година, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ има подигнато вкупно 6.100 непрописно паркирани возила – велат од ПОЦ за „Слободен печат“.
Оттаму додадоа дека имаат план оваа година да обезбедат уште едно, шесто возило „пајак“.
– Во 2025 година беше набавено едно возило „пајак“, како дел од активностите за подобрување на возниот парк на Пајак-службата. Дополнително, за 2026 година во согласност со Инвестициската програма и Годишниот план за јавни набавки се планира набавка на уште две нови возила „пајак“ и ќе биде процесирана во рамките на расположливите финансиски средства. Ова е со цел за зајакнување на капацитетите на терен и поефикасно постапување при отстранување неправилно паркирани возила – брифираат од претпријатието.
„Пајаците“ ја полнат касата на „Градски паркинг“
Нивните колеги од ЈП „Градски паркинг“, според последните информации што успеавме да ги добиеме од претпријатието, располагаат со осум „пајаци“ што дејствуваат на територија на цело Скопје. Според достапните извештаи на веб-страната на „Градски паркинг“, до 30 септември во 2025 година „градските пајаци“ успеале да подигнат вкупно 11.241 непрописно паркирани возила.
Во споредба со ПОЦ, „пајаците“ на „Градски паркинг“ биле малку поефикасни, земајќи предвид дека во просек секое возило подигнувало 117 возила месечно.
Од секторот Пајак, буџетот на претпријатието лани се „опарил“ со речиси 19 милиони денари, или околу 307.000 евра.
Нема место, но нема ни сообраќајна култура
Секако, одговорноста за овие бројки паѓа и на плеќите на дел од граѓаните што свесно, наменски, а по малку и себично узурпираат јавни простори и зелени површини, се паркираат на десната лента од булеварите со четири трепкачи или, пак, со автомобилот речиси влегуваат во маркетот каде што треба да пазарат, да се близу за да не ги носат тешките кеси, а со тоа ги блокираат пешачките патеки.
Минатата година видовме и агресивни граѓани, кои насилно откорнуваа метални столбови што им го отежнуваа влегувањето и излегувањето од дивиот паркинг кај Народната банка, кој патем во поголем дел е на државно земјиште, а од надлежните институции не добивме одговор како ќе го решат овој проблем.
Градоначалниците ветија, но пред изборите
Сепак, дел од општинските администрации, на чело со нивните нови или старо-нови градоначалници постојано ветуваат дека ќе го средат паркинг-хаосот во скопските општини, особено во Карпош, Аеродром и во Центар, каде што проблемот со паркирањето е најистакнат поради големиот број згради и станбени комплекси.
Градоначалниците на овие општини на неодамнешните локални избори, а некои и пред изборите, ветуваа катни гаражи, проширување на зонските паркиралишта и ослободување на јавните простори.
Лукровски најгласен ветувач, најтивок реализатор
Лукровски: Карпош ќе има катни гаражи со соларни панели, паркови, реновирани училишта, униформи…
Најамбициозни изјави за решавање на паркингот имаше градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој беше најактивен и со најголема кампања во предизборието, но за жал најтивок и речиси недостапен откако седна на градоначалничката фотелја сместена во новата општинска зграда што ја изгради неговиот претходник Стевчо Јакимовски.
Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Карпош: Нудам итно решение за паркингот
Лукровски снимаше и спотови со првиот полицаец Панче Тошковски, со кого заедно шетаа низ Карпош, гледајќи ги десетиците непрописно паркирани возила и разговарајќи како ќе се реши овој проблем.

Градоначалникот во неговата кампања вети дури пет нови монтажни гаражи во Карпош 2, Карпош 3, Карпош 4, Влае, и кај Млечен во Капиштец. Тој соопшти дека овие гаражи ќе донесат вкупно 560 нови паркинг-места, но денес, повеќе од два месеца откако го доби градоначалничкиот мандат, нема никаков одговор или информација со која би се означил почетокот на крајот на паркинг-хаосот во Карпош.
По две години, уште нема зонски паркинг во Ново Лисиче
Жителите на Ново Лисиче и Реонски центар се анкетираат дали се за зонско паркирање
Во Аеродром, пак, на темата јавни паркиралишта немаа многу активна кампања на локалните избори, а градоначалникот Дејан Митески последно информираше дека во Мичурин и во Стар Аеродром кои се двонасочни и ќе се пренаменат во еднонасочни, отворајќи простор за паркирање на жителите и ослободување на тротоарите и на зелените површини.
– Општина Аеродром спроведува анализа на уличната мрежа за воведување поефикасни сообраќајни решенија. Во таа насока, подготвуваме идејно решение за еднонасочен сообраќај во делови од населбите Стар Аеродром и Мичурин, со една обележана лента за паркирање, како и друга за движење со ограничување од 30 км/ч – информираа последно од Општината.
Зонското паркирање во Ново Лисиче и во Реонски Центар, пак, иако долго време се најавува, сѐ уште не е воведено.
– Што се однесува до зонското паркирање, тоа сѐ уште не е воведено во Ново Лисиче и во Реонски центар, но очекуваме наскоро да биде имплементирано од ЈП „Градски паркинг“ – последно информираа од Општината.
Неговата реализација со бавни чекори оди кон финалната фаза, земајќи предвид дека зонското паркирање се подготвува повеќе од две години, иако во септември „Градски паркинг“ тивко ги постави информативните табли, кои речиси пет месеци имаат само украсна функција, бидејќи зонски паркинг сè уште нема.
Автокоманда „плаче“ за зонско паркирање
Во претежно руралната Гази Баба, единствен „трн во око“ е населбата Автокоманда, каде што паркинг-хаосот е децениски, а градоначалникот Бобан Стефковски на крајот на неговиот четиригодишен мандат, во октомври конечно најави трајно решавање на паркирањето во населбата.
Со зонско паркирање ќе се решава проблемот со недостиг на паркинг места во Автокоманда
Сепак, три месеци подоцна, ниту таму нема надеж дека во блиска иднина ќе се реализира ова ветување поддржано со официјално решение за зонски паркинг, бидејќи според жителите, работите не се ниту малку променети и нема никаква општинска активност на оваа тема, но тие се надеваат дека ќе „успее“ да го исполни ветувањето во наредните четири години од неговиот нов мандат.
„Се крчка“ монтажната гаража кај Буњаковец
Првиот човек на Општина Центар, пак, Горан Герасимовски најави дека во општинската каса за 2026 година се планирани средства за изградба на нова општинска зграда за која се одвоени околу 6,2 милиони евра, а во склоп на тој објект се предвидуваат 300 нови паркинг-места, а тој го соопшти и планот за изградба на катна гаража зад ТЦ „Буњаковец“, која ќе создаде 250 нови паркинг-места.
Сепак, Герасимовски уште во 2024 година најави нова катна гаража зад ТЦ „Буњаковец“, па потоа направи „копи-пејст“ најава за истиот тој паркинг во планот за оваа 2026 година, но ако продолжи со истото темпо на реализација, катна гаража зад Буњаковец ќе биде водечки проект и во буџетот за 2027 година.
Можеме да заклучиме дека иако решенијата и проектите за паркинг-гаражи и за зонско паркирање се навистина хит во предизборието и привлечни за гласачкото тело, нивната реализација е долга и комплицирана, а некогаш и невозможна, оставајќи ги граѓаните со истиот проблем со паркирањето секоја нова година и секои следни избори.


