Фото: Општина Центар

Во Буџетот на Центар за 2026-та обезбедени пари за нова општинска зграда, 550 паркинг места и дом за стари лица

Градоначалникот најави дека годинава ќе се зголеми и еднократната парична помош за новороденче, која наместо 7.000 денари, сега ќе изнесува 10.000 денари, а двојно зголемување има во финансиската помош за пензионерите во социјален ризик, која ќе изнесува 5.000 денари.

Откако 23-члениот Совет на Општина Центар вчера едногласно го изгласа новиот Буџет, градоначалникот Горан Герасимовски денеска соопшти дека тој ќе изнесува над 1.2 милијарди денари или околу 19.8 милиони евра.

„Основниот Буџет за Општина Центар за 2026 година изнесува 1.217.450.000 денари и претставува највисок буџет досега. Од вкупниот износ, 527.230.000 денари, односно 43 проценти, се наменети за капитални инвестиции, додека 690.220.000 денари, односно 57 проценти, се планирани за тековни оперативни расходи“, вели градоначалникот.

Тој истакна дека во општинската каса за 2026 година  се планирани средства за изградба на нов дом за стари лица, градинка, нова општинска зграда за која се одвоени околу 6.2 милиони евра, а предвидена е и изградба на катна гаража позади ТЦ „Буњаковец“ која ќе создаде 250 нови паркинг места.

„Општината обезбеди средства за изградба на модерен дом за стари лица, додека за најмладите се предвидува нова градинка во близина на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со капацитет до 100 деца. Се планира изградба на граѓанско-административна зграда, со капацитет од 300 паркинг-места. Реализацијата на овој проект тежок 380.000.000 денари, ќе се одвива фазно. Дополнително, на местото на монтажниот паркинг во Буњаковец, е предвидена изградба на нова катна гаража со капацитет од околу 250 возила, како решение за проблемот со недостиг од паркинг-места во тој дел од Центар“, рече Герасимовски.

Новиот општински Буџет предвидува и проекти во образованието и повеќе средства во оваа област, а конкретно ќе опфати изградба на два нови затворени базени во основните училишта „11 Октомври“ и „Димитар Миладинов“, бесплатен оброк за учениците во целодневна настава кој ќе се воведе од септември, како и бесплатни екскурзии, повеќе средства за училишно обезбедување и финализирање на проектот за воведување на училишни униформи.

„Продолжува успешниот проект на воведување училишни униформи, а се зголемува и финансирањето на обезбедувањето во училиштата. Буџетот за образование е зголемен од 51.000.000 денари во 2025 година на 72.840.000 денари во 2026 година, што покажува тенденција на понатамошен раст“, изјави градоначалникот.

Во областа на културата, Герасимовски најави двојно поголем буџет и воведување нови културни содржини.

Градоначалникот изјави дека Општината распределила 20 милиони евра за зеленилото, а најави и уредување на јавниот простор и обновување на улицата „Ленинова“, на потег од „Партизански одреди“ до Градски парк.

„Како дел од капиталните вложувања, Општина Центар значително го зголемува и буџетот за зеленило, на 20.000.000 денари, со цел заштита и унапредување на животната средина во урбани услови. Буџетот предвидува и низа активности за уредување на јавниот простор и подобрување на инфраструктурната мрежа, меѓу кои реконструкција на улица „Ленинова“, од „Партизанска“ до Градски парк, како и реконструкција на повеќе локални улици, уредување на пјацети и потегот од Зелено пазарче до улица „Македонија“, поставување пристапни рампи и набавка на нова урбана опрема“, вели Герасимовски.

Градоначалникот најави дека годинава ќе се зголеми и еднократната парична помош за новороденче, која наместо 7.000 денари, сега ќе изнесува 10.000 денари, а двојно зголемување има во финансиската помош за пензионерите во социјален ризик, која ќе изнесува 5.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот