Зонското ќе се шири во Ново Лисиче и во Реонски Центар: Од Општината тврдат дека 75 отсто од жителите биле – за!

Ниту сум јас анкетиран, ниту некои од соседите и пријателите што живееме во овие две населби. Јас навистина не знам кого тие анкетирале, па уште дека за мнозинството била прифатлива оваа идеја, вели жител на Ново Лисиче.

Зонското паркирање кое го регулира ЈП „Градски паркинг“ полека зазема сѐ повеќе јавни површини и се шири низ градот. По неодамнешното воведување зонско во населбите Карпош 1 и Карпош 2, тоа наскоро треба да стартува и во Ново Лисиче и во Реонски Центар во општина Аеродром.

Ова од Аеродром го најавија уште пред два месеца посочувајќи дека процесот ќе се одвива преку транспарентна постапка и со вклученост на јавноста, дека „Градски паркинг“ ќе спроведе кампања преку која ќе ги информира жителите за придобивките од зонското паркирање, а дека паралелно ќе се спроведува и теренска анкета преку која граѓаните ќе можат да го кажат својот став за предложената иницијатива за регулирање на паркирањето во овој дел од општината.

На барање на граѓаните од овој дел од Аеродром и преку транспарента постапка и со вклученост на јавноста, по завршување на анкетата очекуваме да почне реализацијата на проектот со кој конечно ќе се регулира паркирањето во овој дел од општината, чекор што ќе овозможи нови паркинг-места, бесплатно и сигурно паркирање за станарите и со тоа ќе се стави крај на проблемите со недостаток на паркинг-места и узурпирање на паркингот од стари и хаварисани возила – соопштија тогаш од Општината.

На прашањето дали заврши теренската анкета, што покажале резултатите и дали зонско ќе се воведе во овие две населби независно од резултатите на анкетата, од Општина Аеродром велат дека мнозинството од жителите се изјасниле „за“.

Во однос на зонското паркирање, најголемиот дел од граѓаните, односно околу 75 отсто, позитивно се изјаснија на иницијативата на Општина Аеродром за ставање ред во паркирањето. Според резултатите од анкетата, во следниот период продолжуваат подготвителните активности, со сите вклучени институции за реализирање на овој проект – тврдат од Аеродром.

Но, некои од граѓаните тврдат дека ниту виделе анкетар, ниту до нив стигнала анкета за да можат да го дадат своето мислење за планираното воведување зонско паркирање.

Ниту сум јас анкетиран, ниту некои од соседите и пријателите што живееме во овие две населби. Јас навистина не знам кого тие анкетирале, па уште дека за мнозинството била прифатлива оваа идеја. Овие две населби се „спални соби“, значи во нив нема голем број фирми, нема голем проток на луѓе, тука се само жителите. И зошто е тогаш потребно зонско? Е ако го решат проблемот со хаварисаните возила и со приватните автомеханичари што работат по улица, тогаш добро, ама јас не верувам во тоа – вели нашиот соговорник, жител на Ново Лисиче.

Жителите на Ново Лисиче и Реонски центар се анкетираат дали се за зонско паркирање

Меѓу придобивките што Општина Аеродром ги наведе за воведување зонско паркирање беа и дека нема да има хаварисани возила, диви автоплацови и дека ќе нема повеќе паркирање возила на пешачки патеки и на зелени површини.

Но, ослободување паркинг-места со отстранување хаварисани возила не е толку едноставна постапка и тоа локалните власти треба да им го соопштат на граѓаните. Да им кажат дека за да се тргне хаварисано возило, потребно е тоа да го побара сопственикот, па дури потоа „Градски паркинг“ може да го дислоцира.

Фото: Општина Аеродром

Таков одговор стигна од јавното претпријатие на прашањето дали ќе се тргнат хаварисаните возила од Карпош 1 и Карпош 2 откако ќе се воведе зонското паркирање, кое е во истата зона Д, како и планираното во Ново Лисиче и во Реонски Центар.

ЈП „Градски паркинг“ преку Сектор пајак, покрај основата дејност за отстранување непрописно паркирани возила од паркиралиштата со кои стопанисува претпријатието и од јавни површини по налог на овластено лице, врши и услуга за дислоцирање возила од една на друга локација по барање на корисниците. Со цел отстранување на хаварисаните возила од одредена локација, потребно е барање од сопственикот на возилото или налог за отстранување хаварисано возило издаден од комунален инспектор на општината или Градот Скопје – одговорија од „Градски паркинг“.

Сепак, дел од жителите на овие две населби очекуваат дека со зонско ќе имаат повеќе слободни места за паркирање, особено граѓаните што живеат на почетокот на Ново Лисиче и Реонски Центар од страната спрема Аеродром, кои се соочуваат со недостиг на паркинг-места поради нивна узурпација од возила на граѓани што паркираат од другиот дел на Аеродром каде што има зонско паркирање. Тие уште пред една година го повикаа градоначалникот Тимчо Муцунски да најде решение за проблемот.

 Овој проблем е уште поголем поради фактот што за да не платат паркинг, во слободната паркинг-зона постојано се паркираат лица што работат во другиот дел од Аеродром, или лица што се преземаат од станицата за 13-ка со автобуси за ТИРЗ-зоните за работа, кои автомобилите ги оставаат на овие паркиралишта. Во неколку наврати апелиравме и дека паркиралиштата се полни со возила што се хаварисани или се нерегистрирани и се на продажба и паркиралиштата личат на продажен плац – информираа тогаш од фејсбук-групата „Ново Лисиче“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот