Папата Лав: Светот го уништуваат неколкумина тирани
Говорејќи за време на обиколка на регион погоден од смртоносна бунтовничка активност во Камерун, папата ги осуди оние кои, според него, го злоупотребуваат „самото име на Бог“ за сопствени цели.
Папата Лав ги критикуваше светските лидери кои трошат милијарди за војни и изјави дека „светот го уништуваат неколку тирани“, во невообичаено остри коментари за време на неговата посета на Камерун, објави „Би-би-си“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Говорејќи за време на обиколка на регион погоден од смртоносна бунтовничка активност, понтифот ги осуди оние кои, според него, го злоупотребуваат „самото име на Бог“ за сопствени цели.
Овие изјави доаѓаат само неколку дена по јавниот судир со американскиот претседател Доналд Трамп, кој објави долг напад врз папата – гласен критичар на американските и израелските воени операции во Иран.
Папата претходно изрази загриженост поради заканата на Трамп дека „целa цивилизација ќе исчезне“ ако Иран не се согласи на американските барања за прекин на војната и отворање на Ормускиот теснец.
Лав, кој минатата година стана првиот папа роден во САД, претходно ја доведе во прашање и политиката на администрацијата на Трамп во однос на имиграцијата.
„Лав треба да си ја среди работата како папа“, напиша Трамп тогаш на платформата „Трут сошал“.
Говорејќи во Камерун, папата ги критикуваше лидерите кои „затвораат очи пред фактот дека милијарди долари се трошат за убивање и за разурнување, додека средствата потребни за лекување, образование и обнова никаде ги нема“.
– Господарите на војната се преправаат дека не знаат дека е потребен само еден миг за уништување, а често целиот живот не е доволен за обнова – рече тој.
Обраќајќи се пред толпи во четвртокот, папата осуди „бесконечен циклус на дестабилизација и смрт“ во „крваво обележан“ регион на Камерун, кој речиси една деценија е зафатен од бунтовништво.
– Оние што ви ја ограбуваат земјата од нејзините ресурси, честопати вложуваат голем дел од профитот во оружје, со што го продолжуваат бескрајниот циклус на дестабилизација и смрт – им порача на присутните во катедрала во северозападниот град Баменда.
Африканската турнеја на папата Лав ќе опфати посети на 11 градови во четири земји. Ова е негово второ големо странско патување откако беше избран за папа минатата година и ја одразува важноста на католицизмот во Африка.
Повеќе од една петтина од католиците во светот живеат во Африка – околу 288 милиони луѓе, според податоци од 2024 година.


