Нова студија: Овој зеленчук може да спречи астма и да ја подобри функцијата на белите дробови

Фото: Flickr

Научниците открија дека витаминот со кој изобилува зелениот лиснат зеленчук може да направи чуда за вашиот респираторен систем.

Јадењето зелен лиснат зеленчук ќе доведе до здрави бели дробови и ќе помогне да се заштитите од астма, покажува данската студија. Истражувањата покажаа дека луѓето со ниско ниво на витамин К во крвта имаат поголема веројатност да имаат слаба функција на белите дробови и да страдаат од астма, хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) и отежнато дишење, пишува „Дејли мејл“.

Витаминот К се наоѓа во лиснатиот зелен зеленчук како спанаќ, кељ и брокула, растителните масла и житарките. Тој игра улога во згрутчувањето на крвта и на тој начин му помага на телото да ги залечи раните, но досега истражувачите знаеја мошне малку за неговата улога во здравјето на белите дробови.

Прва студија од ваков вид

Тим од Универзитетот во Копенхаген ја анализирал состојбата на 4.000 луѓе кои учествувале во тестирањето на функцијата на белите дробови. Тие давале примероци од крвта и одговарале на прашалници за своето здравје и начинот на живот. Научниците откриле дека луѓето со ниски маркери на витамин К имале полоши резултати на тестовите за функцијата на белите дробови и имале двојно поголема веројатност да имаат ХОББ, 44 отсто поголеми шанси да имаат астма и дури 81 отсто поголема веројатност да пријават отежнато дишење.

Веќе знаеме дека витаминот К игра важна улога во крвта и истражувањата почнуваат да покажуваат дека тој е важен и за здравјето на срцето и коските, но имаше малку истражувања кои ја разгледуваа поврзаноста помеѓу витаминот К и белите дробови. Ова е прва ваква студија и резултатите ни покажуваат дека витаминот К може да игра улога во здравјето на белите дробови, рекол  д-р Торкил Јесперсен, еден од авторите на студијата.

Колку витамин К ни треба?

На возрасните им треба приближно 1 микрограм на ден витамин К по килограм телесна тежина. Тоа значи дека на некој кој тежи 65 килограми му се потребни 65 микрограми дневно. Експертите велат дека луѓето треба да бидат во состојба да го добијат целиот витамин К што им е потребен од разновидна и урамнотежена исхрана.

„Би биле заинтересирани да видиме понатамошни истражувања во оваа област за да можеме подобро да разбереме дали нивото на витамин К е директно поврзано со функцијата на белите дробови. Ваквото истражување е важно затоа што белодробните болести се трет најголем убиец во Британија, но само 2 отсто од јавните средства се трошат на истражување на белодробните болести кое би помогнало во дијагностицирањето, лекувањето и управуваат со нив“, рекла д-р Саманта Вокер, директорка на истражувањето и иновациите во Астма и Лунг Британија.

Каде го има витаминот К?

Витаминот К широко е застапен во зеленчукот, особено во зелениот лиснат зеленчук. Обилно е застапен и во сувите зачини. Така, брокулата има 224 микрограми од овој витамин на 100 грама зеленчук, а варената дури 256. Спанаќот има дури 483 (варен 494), додека сировиот кељ и блитвата имаат над 800.

Со зачините, ситуацијата е следна (микрограми на 100 грама):

сушен магдонос – 1715
сушена мелена жалфија – 1715
сушена мајчина душица – 1715
свеж магдонос – 1640
сушен лист од коријандер – 1360
сушен мајоран – 622
сушено оригано – 622
свеж босилек – 415

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот