Османи: Струга има квалитет да го победи тимот на Пјуник
В среда на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид фудбалерите на Струга против ерменскиот Пјуник ќе го играат првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига.
Препорачано
Играчите на тренерот Ќатип Османи по елиминацијата во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите против Слован Братислава, го продолжуваат меѓународниот настап во третото по квалитет европско клупско натпреварување.
Доколку бидат подобри во двомечот против Пјуник, во третото квалификациско коло ќе играат со подобриот од Диферданж (Луксембург) – Ордабаси (Казахстан).
Пјуник е добро познато име во нашата земја и до сега секогаш доаѓаше како победник во натпреварите против македонските екипи, односно во минатото успеа да ги елиминира Победа, Тетекс, Вардар и Шкупи.
– Пјуник е екипа која всушност е многу дисциплинирана, многу борбена. На последните два натпревари против Динамо Минск се обиде да одигра добро во одбраната, применувајќи и игра со брзи контранапади. Се работи за многу квалитетен тим, но сепак мислам дека имаме квалитет да го победиме тимот на Пјуник. Тимот е комплетиран, само еден играч, кој поради физичката подготвеност не се знае дали ќе може да игра од почеток, но сепак како тим велам дека сме подготвени – рече Османи на прес-конференцијата пред утрешниот натпревар против Пјуник во Охрид.


