Рампа - Фото - Слободен печат / Методи Здравев
Рампа - Фото - Слободен печат / Методи Здравев

Општината планира да ги тргне рампите поставени за „мир во куќа“ низ Карпош

Градоначалникот Сотир Лукровски на последната седница на Советот посочи дека поставувањето на рампите само со согласност на градоначалникот не е правно издржано, па затоа сите што се поставени без елаборати ќе добијат известување за повлекување.

Голема врева во јавноста се крена откако Општина Карпош одлучи да се отстранат рампите поставени низ општината со кои некои од жителите, особено оние од старите згради што немаат подземни гаражи, се обидуваат да си обезбедат паркинг простор.

Согласности за рампите се добиени од Општината на барање на граѓаните во мандатот на претходното општинско раководство, а актуелното раководство во изминатиот период бараше решение како да постапи по жалбите на карпошани на кои со овие рампи им е попречен пристапот до нивните домови.

Рампите предизвикаа сериозни меѓусоседски расправии и поделби меѓу станарите староседелци и новодојденците за тоа кој има право, а кој не, да го користи за паркирање просторот кој во најголем број од случаите е јавен, а не приватен имот.

Вревата се крена по случајот со рампата на улица Варшавска. Станарите од старите згради со број 17 и 19, побарале и добиле согласност за поставување рампа, но далечинското не го добиле и станарите од новата зграда со број 19-а, со што тие немаат оттаму пристап до сопствениот влез. Чувствувајќи се како „заложници“, како што самите велат, случајот го пријавиле и во Општина Карпош и во Инспекторатот на Град Скопје, па се утврдило дека согласноста не е валиден правен документ за поставување рампа. Општината ги известила дека рампата треба да се тргне во рок од осум дена.

Жителите на Варшавска 19-а најавија протести, со рампа за паркинг блокиран е влезот до зградата на 54 семејства

Од друга страна, староседелците тврдат дека откако се изградиле нивните згради тие го користеле овој простор за паркирање, но дека ситуацијата станала невозможна по изградбата на новата зграда, за која инвеститорот не изградил доволно паркинг места, па станарите ги узурпираат нивните места.

Овој случај ја отвори „пандорината кутија“ која на виделина одново го изнесе проблемот со паркирањето во Карпош, но и невообичаениот начин на решавање – на едни граѓани им е дозволено да си постават рампи, на други не, а во населбите Карпош 1 и 2 е воведено зонско со кое не е решен хаосот со паркирањето. И наместо Општината да гради нови паркинзи, монтажни и катни гаражи, различните „аршини“ со кои се излегувало во пресрет за решавање на овој проблем на некои жители резултираше со ова што сега се случува.

Станарите од зградата кај „Мал одмор“ имале согласност за поставување рампи, иако од Карпош тврдеа спротивно

Моментално Карпош функционира како општина на рампи, затоа што според граѓаните, низ општината има повеќе од 50 поставени рампи, од кои понекоја и на тротоари, додека градоначалникот Сотир Лукровски, на последната седница на Советот посочи дека се повеќе од 40-тина.

Има граѓани на кои им е решение рампата, но го попречуваат движењето на одредена група други граѓани, се затвараат пристапни улици во некои делови. Имавме состанок со градскиот инспекторат и со нашиот инспекторат. Донесовме одлука, 40-тина се ми рекоа, деновиве сите ќе се извадат од архива, сите согласности кои не се правно издржани ќе добијат известување за повлекување во рок од осум дена на рампите, па понатаму ќе решаваме врз која основа граѓаните можат да добијат право за поставување рампи- рече Лукровски.

Тој додаде дека не треба да се дозволи ова вака да продолжи како претходно, да се поставуваат само со согласност на градоначалникот, затоа што тоа не е правно издржано, па затоа сите рампи што се поставени без елаборати ќе добијат известување за повлекување.

Некои од советниците укажаа дека мора да се донесат некакви правила, дека рампи некаде мора да има, особено кога земјиштето е во приватна сопственост, но посочија и ако не е во парцела, ако не е приватен имот, не може едни да имаат, а други не.

Советничката Татјана Стојановска од „Независни за Карпош“ посочи дека треба да се направи анализа и мапирање на постоечките паркинг места, како основа за пронаоѓање на најкомплетно решение за проблемот со паркинг и дека секоја активност која ќе се направи без таква анализа е ад-хок решение кое само ќе го зголеми, наместо да го реши проблемот со паркирањето. Побара и мораториум за отстранувањето на поставените рампи и мораториум за поставување на други кои имаат такви согласности од општината, додека не се направи анализа на паркинг просторот.

Дали се истите легални или нелегални, законот кажува дека се нелегални. Но исто така законот овозможува тужба до општината поради трошоци предизвикани со тие согласности. Ценам дека немаше слух кај новата општинска власт на темава, иако инсистирав на стопирање на било каква одлука за отстранување на веќе поставените рампи за кои самата општина дала согласност (законот не познава сегашна или мината власт, туку ентитет општина) и сакам тука да искажам комплетна поддршка на жителите кои денес посебно се револтирани поради известувањето дека рампите ќе се отстрануваат – напиша Стојановска на Фејсбук после седницата.

Од Општина Карпош засега, освен изјавата на градоначалникот Лукровски на последната седница, нема официјален став како ќе постапат со рампите. Во нивниот неодамнешен одговор за „Слободен печат“ оттаму посочија дека Општината не дава решение за поставување рампи, туку согласност доколку се утврди дека на одреден простор може да се постави рампа за да се помогне за да се намали проблемот со паркирање, но таа согласност потоа мора да биде потврдена со решение од Град Скопје.

„Борба“ за место за паркирање: Ако нема паркинг, ќе се создаде со рампа на тротоар!

Зошто претходно тоа не се почитувало и како ќе се исправи грешката засега е непознато. Нејасно е и кој ќе им ја плати штетатат на граѓаните кои врз основа на добиените согласности вложиле сопствени средства за рампите, сметајќи дека документот кој го поседуваат е правно легитимен.

Засега ниедна рампа не е отстранета. Во наредните денови Општината мора да излезе со конечен став како ќе постапи и дали во општината секаде ќе има зонско или ќе никнуваат рампи.

Но, исто така ќе треба да соопшти како има намера да го реши сѐ погорливиот проблем со паркирањето во Карпош, особено што досега карпошани не видоа ништо од она што во претходната деценија и повеќе им се ветуваше – ниту катни гаражи ниту монтажни, ниту нови простори за паркирање.

Притоа, досега ниту една скопска општина, иако недостигот на паркиралишта е секаде присутен, не иницираше законски измени со кои ќе се внесе обврска при купување стан задолжително да се купи барем едно паркинг место

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот