Рампа на тротоар кај „Мал одмор“/ Фото: Слободен печат

Станарите од зградата кај „Мал одмор“ имале согласност за поставување рампи, иако од Карпош тврдеа спротивно

Станарите од зградата кај „Мал одмор“ имаат уредна дозвола за поставување рампи на просторот што се користи за паркирање пред нивната зграда покрај булеварот „Партизански одреди“. Согласноста од Општина Карпош, како што наведуваат во реакцијата испратена до „Слободен печат“  ја добиле уште во март минатата година, по долгогодишната голгота која ја минувале секојдневно во обид да им се реши проблемот со паркирањето.

Од Општина Карпош, која им ја издала согласноста на 19 март 2024 година, вчера тврдеа дека во текот на изминатава година немаат издадено дозвола за монтирање рампа на тротоарот на оваа локација. Денеска, пак, по реакцијата на станарите кои го испратија и архивскиот број на добиената дозвола, од Општината признаа дека тоа е така, но оттаму никој не сакаше официјално да излезе со изјава, со образложение дека во моментов во Општината се чека промена на раководството.

Со други зборови, „Слободен печат“ иако официјално се обрати до институцијата која е надлежна за давање согласност за поставување рампи, доби неточна информација чие објавување потоа, предизвика револт кај станарите од зградата кај „Мал одмор“.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост реакцијата на станарите.

„Со цел запазување на објективното и непристрасно известување односно професионално информирање на целокупната јавност ја упатуваме оваа реакција на вашата објавена вест на вашиот интернет портал со наслов „Борба” за место за паркирање: Ако нема паркинг, ќе се создаде со рампа на тротоар! потпишан од новинарката Анета Стојковска https://www.slobodenpecat.mk/borba-za-mesto-za-parkiranje-ako-nema-parking-kje-se-sozdade-so-rampa-na-trotoar/  ја доставуваме оваа реакција.

Имено голготата на нам станарите на зградата „Мал одмор” на ул. Партизански одреди бр.59, за изнаоѓање на паркинг простор ( благодарение на совесни граѓани) во дворното место на зградата трае со години.

Од таа причина покренавме постапка за асфалтирање, обележување и поставување рампи на овој простор и тоа:

Барање до Град Скопје за асфалтирање и обележување на паркинг места каде и ние како станари би си плаќале повластена цена за користење на просторот или да ни дадат дозвола за поставување рампи. Одговорот од Градот е дека ова земјиште не е во надлежност на градот, туку е во надлежност на Општина Карпош, акт на Град Скопје бр. 13/-3730/1/2 од 09.06.2016 г. и акт бр. 0302-109/1 од 24.03.2023 година.

Врз основ на одговорите на Градот се обративме до Општина Карпош, Барање бр.25-2594/1 од 18.03.2024 година, со цел поставување на рампи на паркинг просторот. Од страна на општината е издадена Согласност за поставување рампа на паркинг просторот, бр25-2594/2 од 19.03.2024 година (во прилог на оваа реакција) со назнака да не се загрозува паркинг просторот на деловните и приватните субјекти кои се дел од оваа зграда.  (деловните и приватни субјекти кои се дел од оваа зграда исто така можат да го користат паркинг просторот).

Дополнително од страна на станарите од општина Карпош е побарано и поставување на столпчиња, при што стручните служби на општината по направениот увид на терен, констатираат дека барањето е оправдано и дека општината ќе ги постави бараните столпчиња. Акт од Општина Карпош бр.57-7344/2 од 22.07.2025г.

Значи не се работи за никакво самоволие, а уште помалку за узурпација на јавен простор како што е наведено во текстот, напротив се работи за долгогодишно решавање на проблемот со кој се соочувавме ние станарите. Во прилог на оваа реакција ви ги доставуваме и документите издадени од Општина Карпош и од Градот Скопје

Уште еднаш заради објективност и вистинито прикажување на состојбата бараме оваа реакција да ја објавите во целост.

Доколку сакате ситуацијата да ја потврдиме со документи, (иако не сме должни да ви се правдаме вам, сепак има надлежни институции кои стојат зад издадените потврди и документи) ве молиме исконтактирајте не директно, како што всушност и требаше да направите пред да објавите непотврдена вест.

Со почит,
Станари на „Мал одмор”

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот