Рампа на тротоар кај „Мал одмор“/ Фото: Слободен печат

„Борба“ за место за паркирање: Ако нема паркинг, ќе се создаде со рампа на тротоар!

Меѓу двата изборни круга никна рампа на тротоар пред зградата кај „Мал одмор“. Никој не знае како.

Жители на зградата на булевар „Партизански одреди“ веднаш до крстосницата со „Рузвелтова“, односно зградата кај „Мал одмор“ како што е позната кај карпошани, нашле начин да си го решат проблемот со паркирање – веднаш по крстосницата, преку тротоарот си ставиле рампа.

Овој нивни „изум“ се појави меѓу двата изборни круга, кога сите беа „зафатени“ со изборната трка, но не помина незабележливо кај граѓаните што патот секојдневно ги води покрај оваа зграда.

Не знам како е можно да се дозволи вакво нешто, да се стави рампа на тротоар каде што дневно минуваат стотици луѓе. Станарите навистина со години паркираат странично на тротоарот, кој токму за оваа намена е проширен во должина на зградата, затоа што немаат друго решение, но да се стави рампа на јавен простор е навистина нешто невидено. Ако ова им го дозволиле, навистина е срамно, уште посрамно е ако самоволно си ја ставиле, а никој не презема ништо – реагираше во нашата редакција жител на Карпош, кој ни испрати и фотографии како доказ за тоа што го зборува.

Рампа на тротоар кај „Мал одмор“/ Фото: Слободен печат

Зградата е стара и нема подземни паркинзи, ниту има паркинг-простор околу неа, па со години станарите ги паркираат возилата на тротоарот. Но, да се стави рампа, која станарите ја отвораат со „далечинско“ за да влегуваат со возилата, претставува узурпација на јавен простор наменет за движење на пешаците.

Во Општина Карпош се изненадени од информацијата дека таму е поставена рампа. Тврдат дека не дале таква дозвола во изминатиот период.

Општина Карпош во текот на изминатава година нема издадено согласност за монтирање рампа на тротоарот на оваа локација. Поради тоа, општинскиот инспектор ќе направи увид за да утврди кој и зошто ја ставил – велат од Карпош.

Оттаму посочуваат дека е можно, иако малку веројатно, согласност да издал Секторот за сообраќај на Град Скопје. Се обративме и до Градот, но засега оттаму нема одговор дали тие „стојат“ зад рампата.

Рампи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рампи – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Како што е познато, Скопје се соочува со „хроничен“ недостиг на паркинг-места, па пронаоѓањето слободно место на кое може да се остави автомобилот по враќање од работа, за граѓаните е еден од најгорливите проблеми со кои се измачуваат во секојдневното живеење. Паркиралишта недостасуваат во сите општини, а за намалувањето на проблемот што го имаат жителите, во одредени делови на градот се воведе зонско паркирање, некаде паркиралиштата и улиците се претворени во резидентните паркинзи, но и тоа не ги задоволува потребите на граѓаните.

Низ годините сите општини ветуваа изградба на монтажни паркиралишта, но освен двете во Центар, сѐ друго остана само ветување. Затоа низ градот сѐ почесто може да се забележат рампи за влез на паркинзите пред зградите, кои станарите сами си ги поставуваат, се разбира со согласност од општините.

Од Општина Карпош пред неколку месеци во врска со оваа појава ни одговорија дека на барање на станарите од одредени згради им се дава согласност да се постават рампи, за да го заштитат паркинг-просторот што припаѓа на зградата во која тие живеат, а каде се паркираат и граѓани што не живеат на таа адреса.

Ваквите согласности Општина Карпош ги дава сѐ со цел полека, но сигурно, да се создаде ред во паркирањето и секаде онаму каде што колективните станбени згради имаат можност да постават рампа на паркингот каде што тие живеат, општината ќе дава согласности – соопштија тогаш од Општината.

Рампи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рампи – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Оттаму иако не прецизираа дали ова се однесува само за паркиралиштата што се во сопственост на инвеститорот на зградата, односно на станарите или тоа се однесува и на паркиралиштата на земјиште кое е во државна сопственост, од извори во Општината ни беше објаснето дека речиси секогаш согласност се дава за ставање рампа на паркинг што се наоѓа на приватно земјиште, иако има и ретки случаи кога не е така. Во тие ретки случаи, општинските служби внимателно разгледуваат на терен и утврдуваат за каков простор станува збор и дали со ставањето рампа би се попречило движење на пешаците.

Рампи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рампи – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Со намера да видиме каква е состојбата со индивидуално поставените рампи низ градот, посетивме повеќе локации низ градот и навистина имаше што да видиме – од паркинг блокатори поставени на обележани и необележани места пред зградите до разни рампи, синџири и што уште не за да се спречи влез на туѓо возило на просторот каде што паркираат станарите. За тоа колку од нив имаат дозвола или не, треба да си се позанимаваат инспекциите.

Рампи - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Рампи – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Новоизбраните градоначалници на долгата листа проблеми за решавање што ги чекаат, може да си го додадат и ова, затоа што крајно време е да се воведе некаков ред со паркирањето. Недостигот на паркинг-места не се решава толку едноставно со поставување рампи, потребни се нови простори, монтажни и катни гаражи, а сето тоа како задолжителен дел при донесувањето детални урбанистички планови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот