Фото: Граѓани од улица Варшавска

Жителите на Варшавска 19-а најавија протести, со рампа за паркинг блокиран е влезот до зградата на 54 семејства

Поради рампата што нивните соседи ја поставиле на државно земјиште, само со согласност од Општина Карпош, но без решение од Инспекторатот на Град Скопје, сега во заложништво се десетици семејства, но оневозможен е и пристапот на возила за итна помош, пожарна и полиција на улицата долга 300 метри, на која се лоцирани три згради, градинка и детско игралиште, тврдат станарите во зградата.

Жители од зградата на улица Варшавска број 19-а, повеќе од две недели водат битка со надлежните институции за слободен пристап до нивниот објект, откако на почетокот на декември на барање на станарите од двете соседни згради е поставена рампа на пристапната уличка. Тие најавуваат блокади на улици и протести доколку итно не се најде решение за нивниот проблем.

Како што велат самите, поради рампата што нивните соседи ја поставиле на државно земјиште, само со согласност од Општина Карпош, но без решение од Инспекторатот на Град Скопје, сега во заложништво се десетици семејства, но оневозможен е и пристапот на возила за итна помош, пожарна и полиција на улицата долга 300 метри, на која се лоцирани три згради, градинка и детско игралиште, со што  ситуацијата е крајно небезбедна.

 Станарите на зградите на адреса Варшавска 19 и Варшавска 17 не им овозможуваат користење на рампата на жителите на Варшавска 19-а и на тој начин целосно го блокираат пристапот на 54 домаќинства до нивните домови. Единствениот влез во нашата зграда се наоѓа на затворениот крак од улицата – велат во дописот до „Слободен печат“ засегнатите жители.

Тие објаснуваат дека „поставувачите“ на рампата како алиби користат документ од Општина Карпош, издаден непосредно пред локалните избори изготвен од неовластено лице без ингеренции во полето на поставување сообраќајна опрема, кое не претставува никакво решение или дозвола.

Во согласноста што Општината ја издала на 26 септември годинава, ден откако сопствениците на становите на Варшавска 19 поднеле барање, се наведува дека при поставувањето на рампата, мора да се почитуваат позитивните законски прописи и да се овозможи влез на сите сопственици на станбени и деловни објекти во тој потег.

 При поставување на рампата ви укажуваме на внимание и соработка, со цел да не се загрозува паркинг просторот на деловните и приватните субјекти што се наоѓаат во тој дел и ќе овозможите непречен влез и излез на деловните субјекти на посочената адреса – се вели во согласноста од Општината.

Но, пристапот не е овозможен и поради тоа сопствениците на станарите од зградата 19-а, случајот го пријавиле во Општина Карпош и во Град Скопје.

 Пријавено е на градежен инспектор, но не излегува на терен; пријавено е на сообраќаен инспектор на Град Скопје што изврши увид, констатираше дека рампата е противзаконска и недозволена, но не носи решение бидејќи имале многу слични ситуации низ Карпош па се избегнува одговорност за настанатата состојба; пријавено е до ЦУК и МВР.  Додека 54 домаќинства се во заложништво, не се наложува кревање на рампата за да се овозможи пристап на уличката додека органите да реализираат долготрајно решение – велат станарите од Варшавска 19-а.

„Борба“ за место за паркирање: Ако нема паркинг, ќе се создаде со рампа на тротоар!

Тие тврдат дека, всушност, институциите не сакаат да признаат дека во Карпош недозволено се поставени повеќе од 50 рампи, па прашуваат дали „чекаат да се случи ново Кочани и да се бранат во кривична постапка дека рампите биле ,невидливи’ за нив“.

 Се поставува прашањето зошто службите молчат и не преземаат законски предвидени активности? Зошто сообраќајниот инспекторат одбива да издаде записник за надзор спроведен на 10.12.2025 година во 16 часот, во кој инспекторот на терен констатираше целосна блокада и непостоење законска основа за поставување на рампата? Зошто Инспекторатот одбива да донесе Решение за отстранување при неспорни околности? Кои се луѓето во општинската и градската администрација што се спремни да загрозат најмалку 54 семејства и да ги лишат од правото на користење на сопствените имоти, штитејќи интереси на близок роднина на новиот градоначалник на Општина Карпош, кој живее во зградата на Варшавска бр. 19?  Зошто општинските и градските служби неказнето ги погазуваат основните уставни права на слободно движење, сопственост и безбедност? – прашуваат засегнатите жители во дописот до „Слободен печат“.

Оттаму најавуваат дека доколку нема одговор на овие прашања и доколку не се крене рампата додека надлежните не најдат трајно решение, ќе следуваат протести, блокирање сообраќајници и јавно повикување на одговорност, вклучително и со кривични пријави за злоупотреба на службена положба и загрозување на јавната безбедност.

Станарите од зградата кај „Мал одмор“ имале согласност за поставување рампи, иако од Карпош тврдеа спротивно

Од Општина Карпош, пак, објаснуваат дека се запознаени со проблемот и дека се во постојана комуникација и со едните и со другите станари, но и со надлежните служби од Град Скопје. Како што велат, го очекуваат извештајот од инспекцијата што ја направи градскиот инспектор.

Во текот на изминатата недела сме во постојан контакт со станарите и со Град Скопје, одржавме средби, слушнавме во што точно е проблемот и работиме на изнаоѓање решение. Општина Карпош не дава решение за поставување рампи, ние издаваме само согласност доколку сметаме дека на тој простор може да се постави рампа за да се помогне за да се намали проблемот со паркирање, но таа согласност потоа мора да биде потврдена со решение од Град Скопје. Го очекуваме извештајот од инспекцијата – велат од Општината.

Оттаму бараат малку трпение од станарите додека трае постапката. На прашањето дали во Карпош навистина има голем број вака поставени рампи во изминатиот период, потврдуваат дека случајот на Варшавска не е единствен, но не прецизираат за колкава бројка станува збор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот