Општина Центар сѐ уште ги чека извештаите и записниците за пожарот во „Треска“

Фото Слободен печат/ Драган Митрески

Од Центар тврдат дека општинскиот Сектор за инспекциски работи континуирано спроведува активности, дека е во комуникација со надлежни институции, а спроведени се и две теренски посети на просторот што гореше, на 28 април и 4 мај.

До Општина Центар сѐ уште не се пристигнати извештаи од институциите за пожарот што се случи во поранешната фабрика „Треска“. Не се пристигнати ниту записници од ПС Центар и од Противпожарната служба. Три недели по големиот пожар што ги вознемири скопјани, нема одговори кој е виновен, дали некој го подметнал или не, и конечно, дали тоа што таму гореше и што предизвика невиден црн чад во центарот на градот остави последици врз здравјето на граѓаните и врз околината.

Реакциите во јавноста траеја неколку денови и потоа молк. Откако заседаваа Штабот за заштита и спасување на Општина Центар и Кризниот штаб на Град Скопје се чини се подзаборави на целиот овој случај. Но, од Општината тврдат дека не е така и дека по одржувањето на состанокот на Штабот за заштита и спасување, општинскиот Сектор за инспекциски работи континуирано спроведува активности, дека е во комуникација со надлежни институции, а спроведени се и две теренски посети на просторот што гореше, на 28 април и 4 мај.

На теренските посети присуствуваа претставници од Државен инспекторат за животна средина, претставници на „Инпума“, сопственикот на локацијата и стечајниот управник. На втората теренска посета присуствуваше и државен инспектор за апарати под притисок, како и претставник од ПС Центар, со цел да се елиминираат сите можни опасности и да се увиди дали има присутни запалливи материи. При посетата е забележан парен котел во посебна хала, кој е целосно руиниран и вон употреба со години – објаснуваат од Центар и додаваат дека претставниците на „Инпума“ ќе добијат насоки од Министерство за животна средина како да управуваат со отпадот од локацијата.

Во однос на чистењето на теренот, кога се планира тоа да започне и кој ќе го чисти просторот, од Центар одговараат дека по завршување на постапката од Јавно обвинителство, ќе добијат насоки за следните чекори што треба да се преземат и кога да започне чистењето.

Чистењето на теренот ќе се спроведе согласно насоките од Министерството за животна средина, со овластени фирми со лиценца за управување со отпад, добиена од Министерството за животна средина. Надзорот над чистењето на отпадот ќе го водат Државни инспектори за животна средина, заедно со овластени инспектори за животна средина од Општина Центар, со цел правилно да се отстранува секој вид на отпад согласно Листата на отпади објавена од Министерството за животна средина – велат од Општина Центар.

Пожарот во поранешната фабрика „Треска“ што се случи на 14 април годинава, остави многу отворени прашања зад себе. Сѐ уште не се знае прецизно што сѐ било оставено во старите објекти и што сѐ горело таму. Во деновите по пожарот градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека она што го видел таму го потсетило на Чернобил.

 „Треска“ е фабрика за дрвна индустрија и тука пред сѐ, се работи за материјали од дрво, железо, бои и лакови и други материјали од тој тип. Само покривните табли се од компанијата „Салонит“, попознати како салонитки, и во нивниот состав се наоѓа опасниот елемент азбест. Како што претходно кажав, состојбата во фабриката е навистина страшна, локацијата е можно жариште на нови пожари, но и еколошка катастрофа и депонија среде Центар – рече Герасимовски.

Фабриката е од 2005 година во стечај. Оттогаш досега просторот пропаѓа и е претворен во голема депонија, на која до пожарот никој не се сети и не помисли да се исчисти. За оваа локација досега единствено се зборуваше како атрактивна за инвеститорите.

Видео на денот