Олимписки игри Париз 2024: Половина милион гледачи ќе има на свеченото отворање

EPA-EFE/TERESA SUAREZ

Свеченото отворање првпат во историјата ќе се одржи надвор од стадионот, ќе го гледаат 500.000 гледачи, спортистите ќе бидат качени на бротчиња што ќе пловат низ Сена, олимпискиот оган ќе гори на Ајфеловата кула, на отворањето ќе има мешавина од театарски, оперски и циркуски дела

Летните олимписки игри 2024 ќе бидат отворени во Париз на 26 јули в година со досега невидена церемонија. Првпат во историјата на Летните олимписки игри, церемонијата ќе се одржи надвор од стадионот, при што реката Сена ќе биде главната сцена. Свеченото отворање ќе се одржи во должината на шест километри низ Сена, низ срцето на градот.

Гледачите ќе гледаат од бреговите, на две „трибини“ долги шест километри, по една на секоја страна од реката, а се очекува да присуствуваат неверојатни 500.000 луѓе.

Парадата на учесниците ќе се одржи на самата Сена со флотила од 160 бротчиња, по едно за секоја национална делегација, што ќе пловат низ реката. Секој брод ќе биде опремен со телевизиски камери за гледачите да ги видат спортистите одблиску.

EPA-EFE/TERESA SUAREZ

Остатокот од церемонијата ќе се одржи во познатиот Трокадеро, со традиционалните говори и олимпискиот протокол вткаени меѓу театарски, танцови и циркуски претстави.

Официјалното место за палење на олимпискиот оган за време на церемонијата допрва треба да биде обелоденето, но организаторите наводно планираат да го палат пламенот на Ајфеловата кула.

Парадата на учесниците долга шест километри ќе тргне од мостот Аустерлиц и ќе патува низ градот од исток кон запад. Бротчињата ќе пловат под неколку мостови и порти.

Додека пловат, спортистите ќе имаат поглед на некои од официјалните локации на Игрите, како што се Плас де ла Конкорд, Гран Пале, додека се бодрени од навивачите. Спортистите ќе се симнат и ќе тргнат кон Трокадеро за финалето на церемонијата.

EPA-EFE/MOHAMMED BADRA

За ЛОИ Париз 2024, режиската палка за шоуто на отворањето му е доверена на познатиот театарски режисер Томас Жоли. Се очекува тој да донесе ниво на едноставност и покрај амбициозната природа на големиот проект.

Се очекува мешавина од театарски, оперски и циркуски дела, заедно со приказни за секојдневните парижани кои израснале и работеле во близина на реката.

Над 130 камери ќе бидат поставени по должината на патеката за да ѝ дадат на ТВ публиката најдобра визуелна слика на настанот, како и слики што ќе бидат прикажани од секој од бродовите на националните делегации.

Гледачите што платите билети ќе бидат лоцирани на долниот дел од бреговите на Сена, а горните делови од бреговите ќе бидат слободно отворени за јавноста.

Приближно 80 огромни екрани ќе бидат лоцирани долж патеката за да се прикаже целиот настан за фановите и спортистите. Едно е сигурно, Париз 2024 ветува церемонија на отворање за паметење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот