Околу шест милијарди евра ќе инвестираме само на Коридорот 8, рече Николоски
Македонија само во патна инфраструктура на Коридорот 8 моментно вложува 2,1 милијарди евра, а во делот на железницата следните пет до шест години ќе инвестира над три милијарди евра. Тоа се вкупно 5,5 до 6 милијарди евра инвестиција само на Коридорот 8, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Препорачано
Обраќајќи се на бизнис-форумот „Преку границите“, Николоски потсети дека и двата аеродрома, Скопскиот и Охридскиот, кои се исто така на Коридорот 8, бележат прогрес. „Св. Апостол Павле“ во овој момент се реконструира – процес што се очекува да заврши во јули, а Скопскиот аеродром има најголем раст на бројот на патници во првиот квартал годинава во целиот регион.
-Во моментов во активна градба или во завршување, само во делот на автопати и експресни патишта на Коридорот 8, имаме инвестиции од 2 милијарди и 100 милиони евра*, што за држава од милион и 800 жители и бруто домашен производ од некаде 21-22 милијарди долари е огромна инвестиција. Автопатот Охрид – Кичево чини нешто под 800 милиони евра. Конечно го завршуваме, а имаше бројни предизвици таму. Поврзувањето од овој автопат преку Струга до Ќафасан, без разлика на трасата што ќе ја одбереме, ќе биде во соработка со УНЕСКО и во рамки на заштитата на УНЕСКО. Значи, не е прашање дали, прашање е само како и каде. Ќе чини околу 250 милиони евра. Дополнително, во моментов сме во финална постапка за избор на изведувач заедно со Европската банка за овој развој за автопатско решение од Кичево до Букојчани која ќе чини околу 220 милиони евра. Тука е и делницата Букојчани – Гостивар за која веќе има изведувач и работиме со конзорциумот „Бехтел и Енка“, која ќе чини околу 590 милиони евра и на која веќе активно се работи (веќе околу 50 проценти имаме прогрес). На тоа се надоврзува делницата од Гостивар до Тетово, потоа имаме 150 милиони евра целосна реконструкција на обиколницата на Скопје, на тоа додаваме уште 300 милиони евра за експресен пат што ќе го работиме заедно со Европската Унија од Куманово до Страцин, а Страцин – Крива Паланка минатиот јануари го ставивме во функција, проект вреден 100 милиони евра. Имаме и целосна реконструкција на граничниот премин Ќафасан со Албанија, како и на граничниот премин Деве Баир со Бугарија и нивно проширување и финално, патот од Извор до Гарски мост, пат што ќе оди од сегашниот автопат Охрид – Кичево, практично до Дебар и од Дебар преку граничниот премин Блато треба да се поврземе со Албанија, нешто што во моментов исто така го градиме, вели министерот.
Покрај ова, потенцира, паралелно се работи и на железницата.
-Постигнавме договор со Бугарија. Таму имаме исто така огромни инвестиции. Инвестициите ќе достигнат, допрва велам веќе ќе достигнат, зашто во моментов сме или во проектирање или во тендерирање, над три милијарди евра. Минатиот јануари ја пуштивме првата секција од спојот со Бугарија, вредност 90 милиони евра. Во моментов ја работиме втората секција од спојот со Бугарија вредна 200 милиони евра. Заедно со Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка и Европската Унија, во моментов работиме, односно сме во процес на тендерирање за избор на изведувач за третата фаза од железничкото поврзување со Бугарија, која ќе чини околу 500 милиони евра. Ако на тоа се надодаде проектот што во моментов активно го работиме со Европска Унија за целосна реконструкција и надградба на железничката линија од Скопје преку Јанушевци, Тетово, Гостивар до Кичево, која ќе чини околу 285 милиони евра и на тоа се додаде Кичево – Охрид – Струга, граница со Албанија, тоа ќе биде комплетно нова линија во вредност од две милијарди евра, мислам дека е многу лесно да пресметаме дека некаде над три милијарди евра ќе се инвестираат во железница во следните пет до шест години само на Коридорот 8. Целата оваа слика, патиштата, железницата и двата аеродроми, покажува колку инвестираме и колку сакаме да инвестираме во следниот период во инфраструктурата – изјави Николоски.
Продолжен е рокот за делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани
Тој се осврна и на Коридорот 10.
-Тука веќе работиме и сме во напредна фаза на почеток на работа за изградба на брза железница од граница до граница, 200 километри на час патнички сообраќај и 120 километри на час карго сообраќај што е огромен инвестициски циклус – рече Николоски.


